Постои интерес за овој спорт, радува фактот што во клубот имаме и четири-пет деца, што е мошне значаен показател, а следна цел за популаризација на рагбито ќе ни биде посета на училиштата. Јас сум голем оптимист што се однесува до иднината на овој спорт во Македонија, вели Нарашанов, капитенот на клубот Скопје диви свињи
Мислам дека рагбито во Македонија полека, но сигурно ќе станува сѐ попопуларно. Кога имавме неколку мали натпревари во Градскиот парк, доаѓаа луѓе што со голем интерес нѐ следеа. Сметам дека кај нас уште преовладува мислењето дека рагбито е груб и опасен спорт, па некако доминира стравот кога се зборува за него, што не е точно. Но оние што ќе дојдат во нашиот клуб да тренираат уште по првиот тренинг го менуваа своето мислење, па дури играта им стана многу забавна. Важно е да се истакне дека постои интерес за овој спорт, а радува фактот што во клубот имаме и четири-пет деца, што е мошне значаен показател, ни изјави Димитар Нарашанов, капитенот на клубот Скопје диви свињи.
Тој ги најави следните чекори за популаризација на рагбито.
– Следна цел ќе ни биде посета на училиштата, за да привлечеме што повеќе деца да се запишат да тренираат рагби, а потоа истото тоа ќе го сториме и во неколку други градови. Јас сум голем оптимист што се однесува до иднината на овој спорт во Македонија – вели Нарашанов.
Клубот минатата година кога и се формира си постави неколку цели, како што беа формирање рагби-федерација, нови клубови, национален тим, како и зголемување на бројот на рагбисти, кој изнесуваше 30.
– Секако дека работиме на тие прашања. Сепак, засега е тешко да се формира рагби-федерација на Македонија, оти законски е потребно да постојат најмалку пет клуба, а засега кај нас има само два. Истото тоа се однесува и за националниот состав. Бројот на рагбисти е речиси ист како и минатата година, некои играчи си заминаа надвор од државава, но дојдоа други, кои се приклучија во екипата и сега редовно тренираат, трипати неделно (вторник, четврток и недела – н.з.) на фудбалското игралиште на Локомотива во Карпош – рече Нарашанов.
И по една година 30-те рагбисти од Македонија, Англија, Велс, Шкотска и од Кипар се предводени од поранешните рагбисти Енди Дејвис и Џејмс Холт.
– Освен поддршка од општината Карпош, клубот се финансира од самите играчи, а од Британците добиваме спортска опрема, која ни е неопходна за натпреварите и за тренинзите – вели Нарашанов.
Во Македонија покрај скопскиот клуб, постои уште клубот Рудар од Пробиштип.
– Во декември минатата година го одигравме првиот натпревар со екипа од Приштина во Скопје и истиот тој беше солидно посетен од публиката, а годинава, од февруари до март, бевме дел и од првата косовска лига каде што се натпреварувавме со тамошните далеку поискусни екипи на Пеќ и на Приштина, каде што рагбито е поразвиено. За нас беше многу позначајно да играме, оти едно е она што се зборува и работи на тренинзи, а сосема друго истото тоа да се спроведе во практика. А радува и фактот што во екипата имавме и 15-годишен играч. Во јуни, пак, бевме домаќини на женски рагби-турнир на кој настапија екипи и од Косово, Грција и од Бугарија, а во рамките на турнирот одигравме и натпревар со екипа од Грција – вели Нарашанов.