Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во посета на Турција, каде што присуствуваше на поставувањето на темелите на нуклеарната централа „Акују“ – првата турска атомска електроцентрала. „Акују“ ќе биде изградена во близината на пристаништето Мерсин, на брегот на Средоземно Море, а ќе ја гради руската државна компанија „Росатом“. Електроцентралата ќе се состои од четири блока, со моќност по 1.200 мегавати, а целата инвестиција изнесува 22 милијарди долари.
Анкара вчера беше домаќин и на средбата на Советот за соработка на високо ниво меѓу Русија и Турција. Во рамките на посетата, Путин денес ќе учествува и на тристраната средба за Сирија, на која ќе учествуваат и претседателите на Турција и Иран Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани. Тие во Анкара ќе разговараат за регионалниот развој и за безбедносната ситуација во Сирија. Трите држави се гаранти на примирјето во Сирија, договорено во декември 2016 година, од кое произлезе преговарачкиот процес во Астана, наменет за наоѓање политичко решение на конфликтот. Тие преговори се водат паралелно со разговорите што се одржуваат под покровителство на ОН во Женева.