Промоција на новата поетска збирка на Ана Голејшка, насловена „Напишан дом“, издание на „Антолог“, ќе се одржи вечерва во 20 часот во кафулето „Винил“. Покрај авторката, на промоцијата стихови од збирката ќе читаат македонските поети: Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска и Снежана Стојчевска. Збирката е еден од четирите нови поетски наслови што непосредно пред Саемот на книгата излегоа како дел од едицијата „Огнови“.
– Создавана во неколку различни поглавја од животот и во неколку различни фази од растењето на еден внатрешен и еден надворешен дом, оваа стихозбирка изобилува со емотивни напливи како во бран, но и како нежно застанување на улица покрај излог со колачи. Поетскиот занес и желба за зачувување на домот како топоним врзан за телесноста, но и за ослободувањето од него, во овие страници се во изобилство напишани. Лесно и впивливо, како крем за сончање во врел месец. Читајќи ја оваа книга, добивате гратис љубов и желба да го спасите маалското кутре, но и да им се налутите на автобусите што доцнат. Купувајќи ја оваа книга, си подарувате нов дом – за читање и за уживање. Но и за подарување. Клуч од нова врата кон поезијата на Ана Голејшка и нејзините приватни растења – велат од „Антолог“.