Промоција на каталогот од изложбата „Отаде црнилото“ на уметникот Велимир Жерновски ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во Музејот на современата уметност.
Изложбата на Жерновски е критика на монструозната логика на капиталот, пишува Љиљана Неделковска во текстот во каталогот. Според неа, уметникот алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина.
– Неговата видеоинсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето. Но Жерновски во исто време си „поигрува“ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека „црните дупки не се толку црни“ дека тие, и покрај тоа што создаваат огромна гравитација на која ништо не може да ѝ избега, па дури ни светлината, сепак, можат да послужат и како премин кон некој друг универзум. Дали е тоа случај и со капиталот? Дали капиталот е нашата црна дупка што во себе, од една страна, го впива и го уништува и најургентниот апел за зачувување на животот на Земјата, додека, од друга страна, отвора можности, преку енормните инвестиции во вселенската програма, човекот да се надева и да сонува за други светови? Ова е прашање пред кое на еден луциден начин нè поставува изложбата „Отаде црнилото“, изложба што, освен од видеоинсталации, се состои и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции – вели Неделковска.
Фотографиите се на Самир Љума, Жарко Чулиќ, Благоја Варошанец и Лилика Стрезоска. Музичкиот избор за вечерта е на Еми Ермилова.