Кога пред 7 години Тунижаните се побунија против својот владетел, им се придружија и двајца млади учители – идеалисти, со надеж дека ќе успеат да ја вклучат својата десетмилионска северноафриканска држава во тековите на модерната демократија.
Но, денес, Адел и Марва Џафари се мачат финансиски, исто како и економијата на нивната земја, во која е во тек опаѓањето на вредноста на националната валута, а Владата најавува и нови мерки за штедење.
Адел (35) е наставник по компјутерски науки, кој од неодамна почна и со втора работа – инсталира сателитски антени и поправа компјутери.
– И понатаму не можам да заработам за живот. Одвај преживуваме, а моравме и да се задолжиме. Сѐ поскапува – храната, учебниците за децата… – вели тој.
Марва (34) е факултетска професорка по компјутерско програмирање и се придружува кон неговите поплаки.
– Облека, обувки за децата. Се разбира дека сме многу загрижени. Се мачиме – додава таа.
Тунис е во опасност да биде уништен од економската политика на „поткастрување“ на буџетот, за која критичарите велат дека е штетна за демократскиот експеримент на земјата. Тие ги обвинуваат финансиските мерки промовирани од меѓународни советници и банки, со чија примена неискусните туниски политичари предизвикаа политичка и економска криза во државата.
– Кога ќе ги осиромашите сиромашната и средната класа, ја поткопувате демократијата. Она што му создава штета на демократскиот процес се мерките за штедење, кои мораме да ги примениме за да добиеме заеми. Демократијата во Тунис е во опасност – вели економистот Џихен Чандул.
Овој шаблон се гледа во целиот свет – во Латинска Америка, Азија – каде што ММФ и другите финансиери бараат од владите да ги усогласат своите буџети и да ги отворат своите економии.
Во Тунис, каде што всушност и почна Арапската пролет, економистите, активистите и политичарите сметаат дека идеите на слободниот пазар се многу штетни за вербата во новата демократија. Еден од тестовите за таа верба се случи на 6 мај, кога беа одржани првите општински избори по бунтот од 2010 година. ЕНАХДА, партијата што им е наклонета на исламистите, доби најмногу гласови, 5 отсто повеќе од секуларистичкиот ривал Нид Тунес.
Бруто-домашниот производ на Тунис бележи срамежлив раст од 2 отсто, а стапката на невработеност изнесува 15,5 отсто, односно 30 отсто кај младата популација. Вредноста на тунискиот динар, почнувајќи од 2011 година, опадна за 40 отсто во однос на еврото, а како последица на тоа, скокнаа цените на горивото и потрошувачката кошничка. Агенциите за меѓународни рејтинзи константно го намалуваат кредитниот рејтинг на Тунис, намалувајќи ја на тој начин и можноста на Владата за добивање заеми.
Политичките лидери на Тунис велат дека немаат премногу опции, па дека мораат да бараат меѓународни заеми, должејќи им веќе на кредиторите огромни 31 милијарда долари, односно 60 отсто од својот БДП.
– Немаме избор. Мораме да ги засилиме нашите врски со меѓународните институции, кои ни советуваат да правиме вакви чекори. Сите зборуваат за новиот економски модел, но ние немаме поим како да го создадеме тој нов модел – вели Науфел Џамали, собраниски пратеник од ЕНАХДА.
Политичарите велат дека вина за дел од проблемите може да ѝ се припише и на Либија, која во минатото обезбедуваше работа и парични средства, но сега претставува безбедносна закана, која ѝ прави штета на туристичката индустрија на Тунис. Исто така, тие често ги обвинуваат и политичките судири во парламентот и уличните протести.
Оние што ги следат почитувањата на човековите права се загрижени поради авторитарниот правец на земјата, кој врши прогон на политичари, новинари и активисти што ги критикуваат полицијата и војската.
Аналитичарите велат дека ги загрижува придвижувањето на државата кон моделот на автократија, сличен на оној во Египет по превратот во 2013 година, организиран од бившиот воен лидер Абдел Фатах ал Сиси.
– Полека се приближуваме кон тоа. Останува да се види само дали ни следува и некакво насилство – вели Фадил Алиреза, аналитичар и новинар од Тунис. С.Р.