Експертите сметаат дека еднакво е важна грижата за зеленилото, за тоа долгорочно да трае и да им служи на многу генерации
Со засадувањето 16 дрвја од видот јавор, пред објектот на „Македонска пошта“ на булеварот ВМРО, продолжува пролетната акција на градот Скопје за зазеленување на јавните површини. Во оваа акција е планирано да се засадат повеќе од 2 илјади садници на различни локации во главниот град. Од градот велат дека поради зголемените градежни активности, зеленилото во овој реон на градот е намалено за 50 отсто, па затоа е потребно да се спроведуваат вакви акции. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој присуствуваше на садењето, истакна дека градските власти имаат обврска да го вратат загубеното зеленило.
Тој истакна дека ваквите акции ќе продолжат и наесен, кога е планирано да се засадат нови 8 илјади дрвја. Градските власти велат дека нивната примарна цел е за жителите на Скопје да обезбедат чисти и зелени површини, кои ќе претставуваат трајна придобивка што директно ќе влијае врз здравјето на граѓаните и квалитетот на воздухот. Професорот и доктор по фитопатологија на Земјоделскиот факултет во Скопје, Раде Русевски, смета дека садењето дрвја и покажувањето грижа за вегетацијата во главниот град е чекор во вистинска насока.
– Убаво е што институциите почнаа да се грижат за зеленилото во Скопје. Ова се позитивни промени. Можеби би било подобро да се садат дрвјата наесен, но и садењето во пролет не носи големи ризици за неуспех на дрвјата и на садниците. Важно е надлежните подобро да се грижат за зеленилото од минатото, редовно да се наводнуваат и правилно да се одржуваат дрвјата и другите садници. Ако дрвјата се посадат и остават сами на себе, тие сигурно нема да опстојат долго време. Сметам дека на Скопје му се потребни и нови паркови, а со тоа и максимално искористување на површините за такви намени, а не за понатамошна урбанизација и градење згради – вели професорот Русевски.
Општината Центар исто така ја најави акцијата „За зелен Центар“, во која е предвидено да се посадат повеќе од 5.000 садници и оформени дрвја на различни локации на територијата на оваа локална самоуправа. Од Центар известуваат дека за реконструкција и одржување на зеленилото се издвоени 12 милиони и 150 илјади денари. Кога станува збор за веќе почнатите проекти, во завршна фаза подготовките во општината Центар за изградба на парк во Капиштец, на локацијата меѓу трговските центри „Зебра“ и „Беверли Хилс“ и истиот тој ќе биде хортикултурно и партерно уреден и осветлен. На територијата на Центар исто така е предвиден и нов парк кај „Зелен пазар“, планирано е обновување на зелената површина зад Универзалната сала, реконструкција на жардиниерите и исушените дрвја на „Сквер Јадран“ и реконструкција на дел од паркот „Франкофонија“.
Од општината Центар известуваат дека ќе продолжат со практиката за зазеленување на сите слободни површини и дека ќе се постават и автоматски системи за наводнување. Конкретната мерка на оваа локална самоуправа во поглед на зазеленувањето на слободните површни ќе биде и реновирањето на Урбан-парк, кој е во лоша состојба. Зазеленувањето на општината Центар има цел да придонесе за зголемување на квалитетот на воздухот, а со тоа и квалитетот на животот и заштита на животната средина. Граѓаните исто така се задоволни од фактот што се сади и се води сметка за зеленилото, но исто така сметаат дека посадените садници треба редовно да се одржуваат.
– Кај мене во паркот беа посадени најразлични видови дрвца и грмушести растенија минатата есен. Повеќето од овие растенија сега или се суви поради несоодветна грижа или се украдени од несовесни граѓани. Зошто да се трошат пари секоја година да се садат нови дрвца, кога може за постојните да се води соодветна грижа – вели жителка на Скопје. Според професорот Русевски, во централното градско подрачје ќе бидат потребни години и години за да се надомести она што е изгубено.
– Садењето дрвја е вистински чекор и сега е важно да не се прават истите грешки од минатото и да се води сериозна сметка за новонасадените растенија, но и за постојната вегетација – нагласува тој. Долгогодишната урбанизација и големиот број исечени дрвја во Скопје придонесоа градот да се соочува со сериозни проблеми со атмосферскиот воздух и загадувањето, особено во зимските периоди. Грижата за растителниот свет, односно дрвјата и зеленилото е неопходно за подобрување на условите за живеење во Скопје и за формирање вегетација од која би имале корист многу генерации во иднина.