Колкави и какви се реалните можности на компаниите да исплаќаат повисоки минимални плати и како истото тоа би се одразило врз нивната работа прашавме во аналитичките здруженија што посветено ја следат темата. Тие се согласни дека со поголем минималец се подобрува животниот стандард, сепак потенцираат дека паралелно треба да се зголемува и продуктивноста
Најавите за ново зголемување на минималната плата повторно ја брануваат јавноста, а синдикатите и работодавците се со спротивставени ставови за потребата и можностите за зголемување на минималецот. Додека синдикатите укажуваат дека со сегашната минимална плата едно четиричлено семејство нема да може да ги покрие основните трошоци во домаќинството и неопходно е таа да достигне 60 проценти од просечната плата, стопанствениците укажуваат дека растот на платите не е одраз на продуктивноста и негативно влијае врз другите вработени, кои остануваат со исти плати и се изедначуваат со минималецот. Колкави и какви се реалните можности на компаниите да исплаќаат повисоки минимални плати и како истото тоа би се одразило врз нивната работа прашавме во аналитичките здруженија што посветено ја следат темата.
Преставниците на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ посочуваат дека ја поддржуваат идејата за раст на минималната плата за подобрување на животниот стандард на работниците, но исто така дополнуваат дека растот мора да ја следи продуктивноста.
– „Фајненс тинк“ ја следи оваа тема подолг временски период и нашиот став не е сменет – минималната плата треба да расте за да го поддржува животниот стандард на работниците, меѓутоа мора да ја следи продуктивноста. Во таа насока, моменталната формула за усогласување на минималната плата, по една третина од растот на БДП, просечната плата и цените, дава добра и реална основа за раст на минималната плата, особено во ситуација кога лани, во пандемиска година, просечната плата порасна околу 8 отсто. Вториот важен елемент е што за минималната плата треба да се одлучува во рамките на социјалниот дијалог во кој ќе разговараат и ќе се договорат клучните чинители, синдикатите и организациите на работодавачите, заедно со Владата. Сѐ што е надвор од тој формат, посебно лицитирање со износи, е само одраз на нереални желби и ја банализира економската дебата – укажува Благица Петрески, главна економистка во „Фајненс тинк“.
Јакнење на инспекциите за соодветно спроведување на законот
Таа посочува дека сепак раст на платите на ниво на барањата на синдикатите е многу бидејќи ниту продуктивноста на трудот не се зголемила толку, а дополнително компаниите сѐ уште се соочуваат со проблеми.
– Нагло зголемување на минималната плата на 18.000 денари, секако, е голем залак, не само затоа што продуктивноста на трудот не пораснала за 20 проценти колку што изнесува тоа зголемување туку затоа што фирмите се соочуваат со два големи извори на нестабилност: неизвесностите сврзани со пандемијата и експоненцијално растечката цена на енергентите. Во тој контекст, моментално усогласување на минималната плата според важечките одредби од законот треба да се смета за особен успех. Притоа, да нагласам дека во минатите два турнуси на нагло зголемување на минималната плата, од 10.080 на 12.000, и од 12.504 на 14.500 денари, она што го видовме е насобирање на бројот на работници што примаат минимална плата околу новото ниво. Toa значи дека новото ниво не поттикнало пораст на другите плати (што не треба да се меша со порастот на другите плати воден од субвенцијата на социјалните придонеси за пораст на платите во рангот 600 – 6.000 денари) и второ, немаше негативен ефект врз вработеноста, што е позитивен момент. Меѓутоа, да потсетам дека, според нашето истражување од 2018 година, на околу 15 отсто од примателите на минимална плата им било побарано да му вратат дел од платата во кеш на работодавецот. Зголемувањето на минималната плата треба да оди рака под рака со јакнење на инспекциските капацитети, за да може да осигуриме соодветно спроведување на законот на терен – потенцира Петрески.
Од здружението за истражување и анализи ЗМАИ посочуваат дека минималната плата досега се покажала како клучна алатка за заштита на работниците, особено за оние со најниски примања.
– Нашите анализи покажуваат дека најниско платените работници и работнички се единствената доходовна група што нема намалување на месечните примања од плата за време на кризата. Сите други доходовни групи забележуваат намалување на доходот. Ова значи дека минималната плата е соодветен механизам за заштита на доходот на најранливите групи во општеството, особено за време на криза. Минималната плата треба да расте, но тој раст треба да ги следи економските и социјалните трендови. Континуираното зголемување на минималната плата без соодветно зголемување на продуктивноста на трудот, а со тоа и зголемен технолошки напредок, може да доведе до нереално покачување на основата за пресметка на сите други плати во економијата. Истовремено, зголемувањето на минималната плата може да доведе и до зголемени трошоци на производство кај трудоинтензивните индустрии, кои најчесто работат за странски пазари каде што основната конкурентска предност на македонските производи е пониската цена. Така што, можностите за зголемување на цената на производите се ограничени или во многу случаи невозможни. Оттука, Владата треба да направи сериозна анализа на распределбата на доходот во економијата и да ги види капацитетите на индустријата и реалниот сектор за да најде соодветен механизам за системско покачување на минималната плата, а не покачување што ќе биде водено само од ад хок решенија – објаснува Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ.
Создавање кризни механизми што ќе спречат поголеми шокови
Митевски објасни дека економските параметри покажуваат оти македонската економија заздравува и можно е да го достигне нивото на раст пред кризата на крајот на оваа година. Објаснува дека податоците покажуваат дека економијата успеала брзо да се приспособи на новите услови на пазарот, а со тоа и соодветно да ги приспособи и платите.
– Податоците покажуваат дека просечната плата во Македонија во континуитет расте последниве години, дури и во време на криза. Енергетската криза е поразлична криза од кризата предизвикана од ковид-19. Таа може да има директен ефект на цените на производите и услугите. Сепак, улогата на Владата ќе биде клучна при справување и со оваа криза. Затоа, потребно е соодветно планирање на ресурсите и создавање кризни механизми што ќе спречат поголеми шокови во економијата – објаснува Митевски.
Претседателот на ЗМАИ посочи дека иако платите се еден од основните механизми за зголемување на животниот стандард на граѓаните, сепак не смееме да ги заборавиме и јавните инвестиции, кои придонесуваат за подобар квалитет на животот на сите граѓани.
– Јавните инвестициите треба да бидат насочени кон клучните сектори што придонесуваат за зголемување на продуктивноста на едно општество, а тоа пред сѐ се образованието, здравството и инфраструктурата. Зголемувањето на продуктивноста е процес што трае со години и истиот тој треба да биде воден според одредени приоритети и цели кон кои треба да се стреми економијата. За да се постигнат тие цели, потребен е национален консензус за насоката во која треба да се развива целокупното општество. Оттука, клучно е економскиот раст, растот на платите и растот на животниот стандард да бидат проследени со соодветни образовни и здравствени инвестиции и реформи, инвестиции во нови технологии, транспортна и патничка инфраструктура, како и инвестиции во енергетиката – потенцира Митевски.
Синдикатите бараат 18 илјади денари минимална плата
Претставниците на Сојузот на синдикати на Македонија повторно побараа итна измена и дополнување на Законот за минимална плата, со кој ќе се спречи минималецот да изнесува под 60 отсто до просечната плата. Со ова од ССМ бараат минималната плата да се зголеми на 18 илјади денари, но наедно бараат и решение со кое ќе растат и другите плати слично како и минималецот.
– Сојузот на синдикатите на Македонија оправдано во изминатиот период укажува и бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60 отсто од просечната плата. До крајот на 2021 година да се зголеми минималната плата на 18.000 и со такво зголемување на минималната плата, истата таа ќе изнесува околу 63 отсто од просечната плата, со што би се оствариле заложбите на синдикатот и барањата на работниците. Поради сѐ поевидентното зголемување на цените, со зголемувањето на платите за работниците, без да се грижат за егзистенцијата, ќе можат да си овозможат трошоци во висина на една синдикална потрошувачка кошница. ССМ на почетокот на наредната недела ќе предложи предлог-измена и дополнување на Законот за минимална плата – велат од ССМ.
Од друга страна, од Организацијата на работодавачи на Македонија укажаа дека овој период не е соодветен за раст на минималната плата поради пандемијата и намалената продуктивност на компаниите.
– ОРМ направи мини-анкета меѓу своите членки во однос на минималната плата. Сите работодавачи сметаат дека минималната плата може да се движи во моменталните граници. Со самото тоа што би се направиле корекции во минималната плата, би се предизвикал одлив на едуциран и висококвалитетен кадар, бидејќи ќе се доведе до еден тип „уравниловка“ и од таа причина сметаме дека минималната плата не е причина за зголемување на платата – посочи Владанка Трајкоска, претседателка на ОРМ.
Таа дополни оти енергетската криза ќе се одрази негативно во стопанството, а надежта е во владините мерки и истакна дека компаниите очекуваат одредено растоварување во поглед на акцизите.