проф. д-р Кирил Темков
Кога старите народи и филозофи барале кое е најважното човечко суштество за возрасниот човек, тие кажувале дека тоа е пријателот. Секако, членовите на семејството се многу значајни, како и роднините, но и тие своето влијание и потпора за личноста ги искажуваат само ако ѝ се пријатели.
Пријателот е блиска личност, вистински другар, оној со кого човекот навистина добро се познава и со кого има блиски односи. Заинтересиран е за него и за неговиот живот, за неговата работа и достигнувања. Се гордее со неговите дострели како да се негови лични. Го чувствува како да е тој самиот.
Пријателството е еден вид убава љубов, со блиски односи, емоционални изливи, сентиментални разговори и длабока доверба. Пријателите се меѓусебно отворени, си ги знаат тајните, не ги кријат целите, се крепат со стремежите и во извршувањето на посакуваното. Тие се суштински поврзани, затоа и меѓу себе се сметаат за најблиски. Ако пријателството трае долго низ животот, тие почнуваат да се сметаат за роднини, па дури така и се нарекуваат.
Пријателството не е само морална појава за самите поврзани личности. Тие својата врска ја вградуваат во своите планови и одлуки, па таа станува внатрешен дел од нив самите. Пријателството е важно и за етиката воопшто.
Тоа покажува како можат да бидат зближени луѓето и да градат блиски односи. Тоа секогаш му е потребно на човештвото, кое познава и многу спротивни примери на омраза, оддалечување меѓу луѓето и правење меѓусебно зло.
Но не само тоа. Пријателството изградува највисока етика со правење добро на друг.
Пријателството отвора натпревар за постигнување совршенство на личноста. Човекот сака да му се допадне на пријателот, се стреми пред него да биде прекрасен, настојува заедно со него да прави добри дела. Со тоа врвно морално настојување добива етиката, која се гради врз такви вредни човечки амбиции и слободни определби за вистинско морално однесување.
Пријателството меѓу злите луѓе и дружењето со зли намери спрема другите не трае долго. Тоа не е вистинска блиска врска, туку вид интерес, кој завршува кога ќе престанат мотивите за поврзаноста. Тогаш од таквото пријателство може да се роди и непријателство.
Значи, пријателството е една од највисоките етички вредности на човекот, украс на неговиот живот и основа за многу добри пројави меѓу луѓето.
Етичка мисла
Без пријател и најсилниот човек е несигурен.
Латинска поговорка