Природата ни дарува многу плодови што постојано ни се на дофат, сè што треба да направиме е да издвоиме десетина минути и да подготвиме вкусни сокови што се вистински витамински бомби.
Изговорите од типот: немам време, овошјето е скапо, немам соковник и многу други, не држат место. Изберете сезонско овошје, најдете време, а ако немате соковник, сигурно имате миксер, па подгответе чаша здравје за вас и вашето за семејство. Изберете сок по ваш вкус, иситнете го овошјето, а доколку немате соковник, сварете го да омекне, па со миксер направете сок.
Доколку сакаме да водиме здрав живот тогаш мораме да ги вклучиме здравите навики во нашето секојдневие, како и да се придржуваме секојдневно да внесуваме природен сок полн со витамини во нашиот организам.
За да бидеме сигурни дека консумираме 100 отсто природен сок тогаш најдобро е самите дома да го приготвуваме. Со тоа знаеме дека во нашиот организам ние внесуваме само здрави намирници што го чуваат нашето здравје.
Во продолжение ќе објасниме неколку важни чекори што ќе нѐ подготват за секојдневното правење домашен, стопроцентен природен сок. Најпрво за да го извадиме максимумот од секое овошје и зеленчук, како и да ги добиеме сите витамини, минерали, хранливи состојки и растителни влакна, треба да користиме соковник со ладно цедење што прави вкусен сок од овошје, зеленчук, а дури и од семиња.
Овие сокови од овошје и од зеленчук се одличен избор кога ќе посакате да се наполните со енергија и да го исчистите организмот од токсини. Природните витамини и минерали не можат да се заменат со ништо така што за многу кратко време ќе забележите прилив на енергија и ќе се чувствувате полесни и посреќни.
Најголемиот антиоксиданс – сок од боровинки и од јагоди
Во соковник ставете 1 чаша боровинки, 1 чаша јагоди, 2 чаши манго (јагодите и мангото иситнете ги на парчиња) и половина чаша вода. По желба додадете уште малку вода ако сакате сок со помала густина.
За здрави коски и младешки изглед – сок од јаболка, круши и од цреши
Во соковник ставете 1 јаболко, 2 круши и половина чаша цреши. По желба додадете и малку вода.
За добар имунитет – сок од цитрон и киви
Во соковник ставете 1 цитрон, 2 портокали и 3 киви. По желба разредете со малку вода.