Во праисториската збирка на Заводот и музеј Прилеп се наоѓаат 12 предмети од глина т.н. култни лебови, а потекнуваат од неколку локалитети во Пелагонија и во Мариово. Повеќето се пронајдени во кругот на живеалиштата, а само мал дел се случајни наоди. Поголем број од нив се целосно сочувани а додека останатите се фрагментирани. Само неколку се орнаментирани, а кај неколку од нив, интересен и единствен досега е начинот на кој е оформена долната страна.
– На просторот на Република Македонија се истражени голем број праисториски локалитети, но досега се публикувани само мал број примероци на керамички модели на лебови, а исто така мал е и бројот на нивни толкувања. Најверојатно, причина за тоа е што многу примероци не се препознаени меѓу преостанатиот керамички материјал. И при публикувањето имаме само сумарни извештаи без никакви податоци за местото на кое се пронајдени, обликот, димензиите и евентуално орнаментиката, секако ако ја имало – вели археологот Александар Миткоски.
Во стручната литература овие наоди се опишуваат како култни лебови, а името обреден леб колач прв го употребил Васиќ М., во својата монографија за локалитетот Винча-Бело Брдо. За потеклото, улогата и значењето на обредните лебови постојат различни мислења. За култни лебови се сметаат и предметите со мали димензии и кружен облик.
– Дванаесетте керамички модели на лепчиња потекнуваат од неколку локалитети, кои врз основа на движниот археолошки материјал се сместуваат во неолитскиот и енеолитскиот период. Овде пред сѐ се работи за локалитетот Врбјанска Чука кај селото Славеј, од кој потекнуваат четири керамички модели на лепчиња, од кои две се пронајдени во 1981 година. Во 1989 година се пронајдени уште две. На локалитетот Могила кај селото Сенокос е пронајдено едно, а од локалитетот Трештена Стена кај селото Манастир, Мариово, потекнуваат шест керамички лепчиња. Едно е пронајдено во насипот на тумулот на локалитетот Страгата, кај селото Крушевица, Мариово. Најчесто лепчињата се кружни, односно овални, а само еден примерок е со правоаголен облик. Кај некои модели на лепчиња се забележуваат и траги од горење. Осум од моделите на лепчиња се целосно зачувани, а преостанатите четири се фрагментирани – вели Миткоски.
Примерокот од Врбјанска Чука е со најголеми димензии, со пречник од 20 см. Три модели лепчиња се украсени со врежани орнаменти. Притоа кај еден примерок украсувањето е извршено од долната страна, а кај друг од горната и од двете надолжни страни. Еден помал модел на керамичко лепче од Врбјанска Чука е украсен од двете страни. Присутна е цикцак-линијата, како и мотивот на житен клас.
Миткоски истакна дека кај неколку леба од збирката доста е интересен начинот на кој е оформена долната страна, каде што редовно има и отпечаток од прст, за што тешко е да се каже дали во случајов се работи за орнаментика или некоја порака. За приготвувањето леб со отвор во средината некои податоци се наоѓаат кај Никос Чаусидис, а е во врска со словенските традиционални култури, кај кои производството на лебот и други форми на неговите обредно-утилитарни манипулации носат силен митски карактер.
Миткоски посочува дека од причини што досега не е објавен ниту еден примерок од Р Македонија, секако со сите потребни информации што ги бара стручната литература, многу е тешко да се направат некакви аналогии или какви било други споредбени анализи со керамичките модели на лепчиња пронајдени на локалитетите во прилепскиот дел од Пелагонија и Мариово.
– Сѐ дотогаш ќе останат отворени голем број прашања и дилеми за тоа дали култните лебови имале облик на правите, вистинските лебови направени од житарки, дали формата на лебот играла улога што била поврзана со култот или со одреден ритуал посветен на одредени божества. Истото тоа се однесува на украсувањето, т.е. оние што носат некаква порака, и недекорираните, т.е. оние што не носат никаква порака, ако се земе предвид фактот дека оние од енеолитскиот период не се декорирани, или зошто е орнаментирана долната а не горната страна и сл. – посочува прилепскиот археолог.