ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: Ѓ
Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот:
Ѓ!!! Ѓ е ѓум. Ѓ може да биде, може да биде… може да биде ѓавол што ги плаши децата. На Ѓ двајца чичковци, едниот Ѓерман, другиот Ѓоре, измислиле по три приказни. Сега ќе ви ја раскажам првата на, оној, вториот чичко, на Ѓорета. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ѓ да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за еден Ѓеро. Е, тој, Ѓеро, некогаш да ти живеел во битолското село Ѓавато. Ами, Ѓеро не нижел ѓердани, туку фаќал мечки по околните планини. Е, сега, како ги фаќал, со што ги фаќал… Кога ќе наближела зимата, жената на Ѓеро, Ѓурѓа, ќе му направела ѓомлезе… нема поубава пита од ѓомлезе, ќе се најадел убаво, ќе испиел три чаши јогурт и тргнувал кон планината. Кога ќе го прашале Ѓера за мечките, понекогаш молчел, а понекогаш важно ќе речел…
– Луѓе, како да ви кажам… нема многу за кажување, им ги знам табиетите на мечките. Кога ќе ги фати првиот зимски сон, туп, за врат и ги носам дома. Не е за фалење работава, ама, ѓаваштани мои, научив да ги фаќам, што се вели, во темно.
Чудо од човек бил Ѓеро ѓаваштанецот. Жив ѓавол. Им ги врзувал нозете на мечките, им ставал вреќа на глава и ги носел дома, во дворот. Како да не биле мечки, туку компири. Ви велам, голем ѓавол бил Ѓеро ѓаваштанецот. И, така, ќе поминела зимата, ќе се распролетело, мечките ќе се разбуделе од зимскиот сон и ќе почнел Ѓеро да ги строи во дворот како да се војници. И разговарал со нив. Божем не биле мечки, туку луѓе. Еее, Ѓеро, Ѓеро!!! Постарите мечки му го метеле дворот, помладите работеле в поле, а, оние, поумните, ги пуштал в планина да му собираат мед. Имало една, така, помрзлива, неа ја терал секое утро да го полни ѓумот со вода и да му тура за да се измие. Си ја наредил работата ко никој. Ем чист дворот, ем нивите изорани, ем мед колку сакаш. Ѓеро ѓаваштанецот за десетина години станал центар на светот. Кај него доаѓале најпознатите научници, академици, доктори на науки, новинари, камермани, фоторепортери, што се вели во Ѓавато се собирале најумните луѓе од целиот свет.
Едни ги гледале мечките, други ги проучувале, некои ги фотографирале, ги снимале… еден господин од Скопје, го викале Ѓорѓија, е тој ја напишал најдебелата книга за мечките на Ѓеро. Еее, Ѓеро, Ѓеро!!!… Отвори книга – Ѓеро, сврти весник – ѓаваштанецот, вклучи телевизор – тој, пушти радио – Ѓеро. Ту се смее, ту разговара со мечките, ту јаде ѓомлезе и пие јогурт. И така со години. Ѓаваштани на гостите им продавале сирење, јајца, кромид, пиперки, компири, ракија, а Ѓеро си земал понекоја паричка од сите што ќе влезеле во дворот, кај мечките. Од убаво, поубаво. Ама, ѓаволот си е ѓавол, влегол и во Ѓавато. Од тукутака, еден ден, се разбегале мечките. По некое време го снемало и Ѓера. Уфкале, туфкале ѓаваштани, ама ништо. Кога, и за смеење е работава, една од мечките тајно се гледала со некој мечок, се вљубила во него и договориле свадба. И, така сите тргнале на свадба во познатото место за свадби, Мечкин Дол. Таму мечките ги правеле свадбите. Ајде што биле на свадба, туку свадбата траела три месеци. Кога се измориле зурлаџиите, тапанџиите, гајдаџиите, кога се изморил Ѓеро од скокање и играње ора, сите повторно се вратиле во дворот на ѓаваштанецот. И сѐ си било по старо. Некако како да не ми верувате, а?!… Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ѓ ги отклучуваме: Ѓеро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ѓавато, ѓаваштани, ѓум, Ѓорѓија, ѓавол, Ѓерман, ѓердан, ѓомлезе..
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.