Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ призна дека се залага за разграничување со Косово, а за тоа бил согласен и претседателот на Србија Александар Вучиќ

Изјавата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ дека разграничувањето со Косово не е официјален предлог, туку идеја на државните високи функционери, предизвика низа реакции од опозициските партии во Србија. Доколку ова стане и официјален предлог тој ќе се најде пред Собранието на Србија, а за ова прашање ќе одлучуваат и граѓаните на референдум, појасни Дачиќ на средбата со новинарите по завчерашниот состанок со неговиот колега од Бурунди.

Српскиот министер за надворешни работи призна дека се залага за разграничување, а за тоа бил согласен и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во исто време тој ги повика партиите од опозицијата да го изнесат сопствениот предлог за решавање на спорот со Приштина.

– Во досегашниот дијалог, кој е во прекин, оваа тема не е започната ни разработена. Но ние сме подготвени и за други предлози и компромиси. Досега не сме слушнале друг предлог. Меѓутоа, што направија оние што претходно беа на власт, а сега нѐ критикуваат – изјави Дачиќ.

Тој потсети на Резолуцијата 1244, која беше изгласана во времето на Слободан Милошевиќ, а во периодот од владеењето на Војислав Коштуница и Борис Тадиќ независноста на Косово ја признале 84 земји.

Актуелниот претседател на опозицискиот блок Сојуз за Србија и претседател на Напредна партија, Вук Јеремиќ, најостро ја осуди изјавата на Дачиќ и како што нагласи „разграничувањето со Косово“ станува и официјална политика на Србија. Со овој предлог се кршат Уставот на Србија и заклетвата со која Александар Вучиќ ја презеде претседателската функција.

– Со месеци предупредувавме дека „разграничувањето“ претставува смоквин лист за признавање на Република Косово, а со тоа ќе се проблематизираат односите на југот од централна Србија. Со ова трајно ќе се откажеме од сите наши права и интереси на Косово и Метохија – се наведува во пишаната изјава на Јеремиќ.

Тој го постави и прашањето за тоа како нешто може да стане државна политика кога тоа го прави само еден човек, како што е претседателот на Србија, кој тајно преговара на приватните состаноци со Хашим Тачи. Јеремиќ го повтори ставот на Сојузот на Србија за наоѓање компромисно решение во согласност со Уставот и Резолуцијата 1244 од Советот за безбедност на ОН, што подразбира претходно решавање на статусните прашања околу имотот и човековите права на српските сонародници на КиМ.

Од опозициската партија Двери предупредуваат дека разграничувањето со Албанците на Косово е невозможно без признавање на нејзината независност, што автоматски води кон формирање на голема Албанија, која е голема безбедносна закана за сите други држави во опкружувањето.


Принципите за разграничување се непознати

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ за „Дојче веле“ вели дека разграничувањето е само друг збор за поделба на Косово, а тоа е само предлог на владејачките структури.
– Тоа може да стане државна политика само кога ќе добие потврда од граѓаните на референдум. Во моментов имаме само предлог на власта како основа за договор со Албанците, а за да дојде до договор, бидејќи тоа е уставно прашање, единствено граѓаните на Србија на референдум можат да кажат да или не – вели Анѓелковиќ.
Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ за „Дојче веле“ вели дека многу работи се нејасни околу ставот на Белград за разграничувањето. Не се знае дали тоа би се одвивало по етнички, територијален или комбинација од тие два принципа. Исто така, во Белград веќе се постави прашањето за линијата за тоа разграничување и во таа смисла Јакшиќ смета дека станува збор само за козметички измени на границите на Србија и на Косово.
Според него, тоа нема да биде трампа на северот на Косово за некои општини на југот на Србија, бидејќи тоа би биле максималистички барања. Тоа ќе биде размена на неколку села од двете страни на границата, што би било прогласено за победа и компромис на двете страни, уверен е Јакшиќ.
Доколку се постави прашање за припојување на одредени општини од југот на Србија кон Косово, тогаш би морало да се направи далеку поширок договор, смета Драгомир Анѓелковиќ.
– Мислам дека тогаш и Србија би барала да добие повеќе од северот на Косово, и тоа би значело целосна поделба на Косово, вклучувајќи ги тука и средините во кои Србите беа мнозинство до 1999 година. Во тој случај би морало да се постави и прашањето за Република Српска, што би значело нов договор за границите на Балканот – вели Анѓелковиќ.