Десетгодишниот Зоран Тренчев е ученик во петто одделение во основното училиште „Гоце Делчев“ во Свети Николе. Уште мал пројавува интерес за музиката и неговите родители, за да го развијат неговиот талент, го запишуваат во основното музичко училиште „Сергеј Михаилов“ во Штип.
Таму почнува да изучува теорија на музика, солфеж и првпат се среќава со својот инструмент – пијаното. Се запишува кај професорот Гоце Костадинов и почнува да ја изучува техниката за свирење. Три години веќе активно свири на пијано и настапувал на државни и на интернационални музички натпревари. Досега се претставил со дела на Моцарт, Бетовен, Шопен, Менделсон… Со своите настапи секогаш се издвојува и досега освоил повеќе награди.
Се натпреварувал на Државниот натпревар во Скопје и на меѓународните натпревари во Гевгелија, Велес, Врање, Уб… на кои успеа да освои први места.
И оваа година продолжува да изучува пијано во Штип и се надева на уште поголеми успеси.
Зоран ни откри дека наскоро го очекува уште еден меѓународен натпревар во Скопје – „Полихимниа“, каде што се надева дека ќе ја продолжи низата успешни настапи.