Бројот на новороденчиња во Косово е преполовен споредено со оној од пред четири децении, но и покрај тоа Косовците се лидери во регионот според природниот прираст на населението, јави дописникот на МИА од Приштина.
Телевизијата Т7, во емисија посветена на наталитетот во Косово, објави дека во минатите две години во земјата се родени над 60.000 бебиња, а за разлика од порано, кога косовските семејства имаа по седум, осум, па и десет деца, денес во просек се шестчлени, односно имаат по четири деца. Освен тоа, сѐ поголем е бројот на млади двојки што го планираат своето семејство со две или со три деца.
Професорот по демографија, Рифат Бљаку, потврдува дека природниот прираст во Косово е преполовен, а тоа го припишува на економскиот, социјалниот и психолошкиот фактор.
– И покрај тоа, Косово е витално од демографски аспект, споредено со другите земји од регионот – изјави Бљаку за приштинската телевизија.
Во 2016 година во Косово се родени 30.000 бебиња, а во 2017 илјада повеќе.