Една од причините за разидувањето во државниот врв е тоа што Грабар-Китаровиќ сака јавно да се дистанцира од непопуларноста на Пленковиќ и така посилна да влезе во трката за втор претседателски мандат
Односите меѓу тројцата највисоки државни функционери во Хрватска никогаш не биле полоши. Прикриеното ривалство меѓу премиерот Андреј Пленковиќ и хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ излезе на површина по обелоденувањето на електронската комуникација на министерката за економија околу изработката на специјалниот закон за „Агрокор“. Недоразбирањата во државниот врв минатата недела се проширија и на релација со претседателот на хрватскиот парламент, кој упати јавни критики кон претседателката Грабар-Китаровиќ, која меѓу другото побара да се свика посебна седница за да се разговара за демографските проблеми и новонастанатата економска состојба во Хрватска.
Премиерот Пленковиќ се обиде да ја смири состојбата, но сепак ја прекори шефицата на државата дека повеќе би требало да ги одмерува своите зборови, пренесе Н1.
– Видот на информациите што беа пуштани во медиумите на некој начин изгледаат непримерни и не придонесуваат за култура на дијалогот и дигнитетот на институциите Во повеќе околности изјавував дека Владата прави многу за демографската ревитализација на земјата – изјави Пленковиќ.
По изјавата на претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандраковиќ дека претседателката пристапила несериозно кон закажувањето заедничка седница, Грабар-Китаровиќ го обвини дека тој зборува невистини.
– Ако гледаме од страната на претседателката, таа зазема добри почетни позиции затоа што оди на нов мандат. ХДЗ засега не ја доведува во прашање поддршката за Грабар-Китаровиќ за нов мандат. Премиерот ги негираше информациите дека размислува за ограничување на претседателските овластувања, но претседателката покрај заедничката седница со Владата, бараше и оставка на премиерот – вели Иван Панџоќ, новинар во неделникот „Експрес“.
Весникот „Јутарњи лист“ посочува на повеќе причини и точки на кои се разидуваат Андреј Пленковиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ. Како поважен мотив за разидувањето се наведува можноста претседателката на РХ да ја преземе партијата ХДЗ. Ова не е нереална опција, затоа што таа има поддршка и од десното и од либералното крило во партијата. Но најреално е Грабар-Китаровиќ, која е најпопуларен политичар во земјата, да донесе одлука да влезе во политичка борба за втор мандат.
Втората теорија, се однесува на „стравот“ на Колинда за постигнување договор меѓу ХДЗ и опозициската СДП за измена на Уставот со што претседателот на Хрватска ќе се избира во Собранието. Во овој случај сегашниот претседател на собранието, Јандраковиќ, би можел да биде кандидат за претседател на државата. Иако и од двете партии пристигнуваат деманти, оваа опција не е нереална затоа што со тоа би добиле и двете преговарачки страни. Пленковиќ полесно би се пресметал со неистомислениците во својата партија, а СДП би се спасила од натамошниот пад да рејтингот. На овој начин ХДЗ и СДП полесно би се справиле и со нагорниот раст на рејтингот на популистичките партии во земјата.
Третата причина за разидувањето во државниот врв е тоа што Грабар-Китаровиќ сака јавно да се дистанцира од непопуларноста на Пленковиќ, кој има проблем да го зачува рејтингот по аферата „Хотмејл“. Затоа, процената на Грабар-Китаровиќ е дека може политички да профитира и да ја зајакне својата позиција пред новите избори за претседател на Хрватска и отворено порача дека сегашната влада недоволно се ангажира околу прашањето за демографијата и реформите во економијата, што во краен случај зависи како граѓаните ќе се изјаснат на следните претседателски избори.