Сите клубови се согласија дека е несоодветно европските фудбалски тела да создаваат планови што ќе ги променат структурите, календарот и конкурентноста на домашната лига, се вели, меѓу другото, во соопштението од името на 20-те клуба во Премиер-лигата
Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига се против предложените измени во форматот на Лигата на шампионите (ЛШ) од сезоната 2024/2025, со четири групи од по осум тима, што би резултирало со повеќе натпревари, објавија британски медиуми.
Претставници на Европската асоцијација на клубови (ЕКА), предводена од претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, планира да се сретне со челниците на Европската фудбалска унија (УЕФА) во мај и да разговараат околу можните измени. Еден од клучните луѓе што сака промени во европските клупски натпреварувања е токму Ањели, кој се залагаше за Серија А со 18 екипи и за само едно домашно куп-натпреварување. Но многу е веројатно дека секој акт на УЕФА или на ЕКА што би довел до промени во фудбалскиот календар на домашните лиги би имал правна разврска.
Англиските клубови ја истакнаа „значајната загриженост“ во врска со плановите, додавајќи дека ќе работат на „заштита“ на Премиер-лигата. Нивниот став е дека зголемениот број натпревари во групната фаза, од шест на 14, ќе влијае на распоредот на натпреварите во домашната лига.
– Сите клубови се согласија дека е несоодветно европските фудбалски тела да создаваат планови што ќе ги променат структурите, календарот и конкурентноста на домашната лига, и заеднички ќе работат на заштита на Премиер-лигата. Во Англија фудбалот игра важна улога во нашата култура и во секојдневниот живот, милиони навивачи присуствуваат на натпреварите низ целата земја, со приврзаност и локални ривалства, кои често се пренесуваа низ генерациите – се вели, меѓу другото, во соопштението од името на 20-те клуба во Премиер-лигата.
Од германската Бундес-лига веќе најавија правна акција доколку домашната сезона од 2024/2025 биде нарушена поради зголемениот број натпревари во европските натпреварувања. Премиер-лигата е пред финализирање на договорот за ТВ-правата во странство за следниот тригодишен циклус што почнува од следната сезона за околу четири милијарди фунти. На таа сума треба да се додадат и петте милијарди фунти што доаѓаат од домашните ТВ-куќи.