Трансферот на Хари Мегваер од Лестер во Манчестер јунајтед за 80 милиони фунти
(86,7 милиони евра), во летниот преоден рок беше најголемиот во Премиер-лигата

Во англиската Премиер-лига заврши летниот преоден рок во кој клубовите за трансфери на фудбалери потрошија 1,41 милијарда фунти (1,53 милијарда евра), нешто помалку од рекордните 1,43 милијарда фунти (1,55 милијарда евра) во 2017 година, според спортската бизнис-групација „Делојт“.
Последниот ден (8 август), беа потрошени 170 милиони фунти (184,3 млн. евра), за само 17 играчи, што е најмалата бројка за реализирани трансфери по 2009-та.
Зделката на Евертон, што даде 34 милиони фунти (36,8 млн евра) за напаѓачот на Арсенал, Алекс Ивоби, беше најголемата „внатрешна“ во Премиер-лигата, а најголемата „надворешна“, беше трансферот на Ромелу Лукаку од Манчестер јунајтед во Интер, за 74 милиони фунти (80,2 млн. евра).

Арсенал беше најголемиот трошаџија летово во Англија, со 155-те милиони фунти (168 млн. евра). Последниот ден од преодниот рок „топџиите“ го купија левиот бек на Селтик, Киран Тирни за 25 милиони фунти (27 млн. евра) и центархалфот на Челси, Давид Луиз за 8 милиони фунти (8,67 млн. евра).
Единаесет од 20-те премиерлигаши ги соборија клупските трансфер-рекорди, при што Шефилд јунајтед го стори тоа четири пати! Преостанатите 10 клуба се Арсенал, Астон Вила, Лестер (двапати), Манчестер сити, Њукасл, Саутемптон, Тотенхем, Вотфорд, Вест Хем и Вулверхемптон.

Трансферот на Хари Мегваер од Лестер во Манчестер јунајтед за 80 милиони фунти (86,7 милиони евра) летово беше најголемиот во Премиер-лигата, пред оној на Арсенал, кој за крилниот играч на Лил, Николас Пепе даде 72 милиони фунти (78 милиони евра). Шампионот Манчестер сити го купи играчот од средниот ред на Атлетико, Родри за 62,8 милиони фунти (68 млн. евра) и десниот бек на Јувентус, Жоао Кансело, за 60 милиони фунти (65 млн. евра). Тотенхем потроши 53,8 милиони фунти (58,3 млн. евра) за играчот од средниот ред на Лион, Танги Ндомбеле, нивни прв трансфер од јануари 2018 година. Вила потроши 125 милиони фунти (135,5 млн. евра), вториот новопромовиран клуб во Лигата што потрошил над 100 милиони фунти, по Фулам, кој го стори тоа минатото лето и потоа испадна.

Другите најголеми летни трансфери беа на Манчестер јунајтед, за десниот бек на Кристал Палас, Арон ван Бисака (50 милиони фунти или 54,2 млн. евра, на Вест Хем за напаѓачот Себастијан Халер на Ајнтрахт, 45 милиони фунти или 48,7 млн. евра. 


Најскапи 10 фудбалери
Име клуб – клуб пари
1. Хари Мегваер Лестер – Манчестер Ј. 80
2. Николас Пепе Лил – Арсенал 72
3. Родри Атлетико – Манчестер С. 63
4. Жоао Кансело Јувентус – Манчестер С. 60
5. Танги Ндомбеле Лион – Тотенхем 54
6. Арон ван Бисака Кристал Палас – Манчестер Ј. 50
7. Себастијан Халер Ајнтрахт – Вест Хем 45
8. Матео Ковачиќ Реал – Челси 40
9. Јури Тилеманс Монако – Лестер 40
10. Џоелинтон Хофенхајм – Њукасл 40
сумите се во милиони евра