Се препорачува сопствениците да ги облекуваат своите миленици во зимски јакни и капутчиња за да се заштитат од студот
Настинката кај кучињата најчесто се открива кога ќе почнат да одбиваат цврста храна. Први симптоми се зголемена температура и течење на носот.
Настинката или, поточно, респираторните заболувања се почести секако во зимските месеци, кога температурите се пониски, па сопствениците треба да бидат внимателни со своите миленици и со време да преземат одредени чекори, за да ги заштитат кучињата од настинки.
Превентива
Превентивата е еден од најважните фактори за да се заштитат милениците. Еден од најважните чекори е редовна вакцина, редовно чистење од цревни паразити и заштита од надворешни паразити, како и посилна, поздрава и поквалитетна исхрана.
Симптоми
Првиот симптом што посочува дека нешто не е во ред со песот, што упатува на можна настинка, е тоа што кучето избегнува цврста и претежно избира мека, потечна храна. Проблемите на дишните патишта може, но не мора, на почетокот да се придружени со покачена температура. Единствено што укажува дека нешто не е во ред со миленичето е тоа што ќе јаде мало количество храна или воопшто нема да јаде. Му тече носот, а исцедокот првично е со безбојна течност, а подоцна и зелена, па дури и прокрвавува. Може да се појави и повраќање, всушност тоа е исфрлање на секретот што се акумулира во горните респираторни патишта. И, се разбира, во случај кога кучето воопшто не се третира, доаѓа до кашлица, комплетна апатија и одбивање храна.
Преглед и дијагностика
Кога станува збор за дијагностицирање, понекогаш дијагнозата се базира на претходна историја на пациентот и клинички преглед, а понекогаш е неопходно да се направи анализа на крвта, тестови за одредени болести и рендгенска дијагноза.
Третман
Општо земено, се спроведува антибиотска терапија, понекогаш и во некои случаи со инјекции или таблети, зависи од тежината на проблемот. Исто така, може да се пропишат и бронходилататори, ако е потребно да се опушти горниот респираторен тракт и да се олесни дишењето.
Зимска гардероба
Се препорачува сопствениците да ги облекуваат своите миленици во зимски јакни и капутчиња, бидејќи не се сите пријателски расположени кон зимата и не се имуни на ниските температури. Подобро и за милениците и за сопствениците е да се заштитат од студот. Расите на кучиња што се најранливи во зима се кучињата со кратко влакно и кучиња без крзно, што е одличен изолатор. Потоа ризични групи се пониските кучиња, особено оние со пократки нозе, чие тело е поблиску до тлото на земјата. И, се разбира, кучињата што се почувствителни на респираторните болести – мопс, француски и англиски булдог и други.