Младиот прилепски пијанист Михаил Јагуриноски, кој својот талент го надградува во класата на проф. Денис Најдоски, денеска, во 19 часот, во ликовниот салон на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе одржи пијано-рецитал. Ќе се претстави со изведба на дела од Бах, Моцарт, Менделсон, Зографски, Мошковски, Лист.
Јагуриноски е ученик во осмо одделение, во основното музичко училиште „Ордан Михајловски-Оцка“ во Прилеп. Клавир почнува да изучува од учебната 2010-2011 година, во класата на проф. Игор Николоски. Од учебната 2016-2017 година преминува во класата на проф. Денис Најдоски. Сите овие години е редовен учесник на голем број натпревари за млади пијанисти. Има освоено голем број први награди во соло-пијано на општински, регионални и државни натпревари, како и повеќе први места на меѓународни натпревари во Белград, Ниш и во Врање.
Исто така Михаил е првонаграден на државен натпревар во камерна музика. Редовно учествува на сите концерти организирани од страна на музичкото училиште „О.М. Оцка“. Како гостин беше поканет на концертот на пијанистката проф. д-р Ана Гацева. Ова е негов прв самостоен пијано-рецитал.