Кашима од Јапонија и Есперанс од Тунис се нови континентални фудбалски прваци на Азија, односно на Африка. Кашима првпат ја освои титулата откако во реваншот од финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) ремизира без голови на гости кај Персеполис (Иран). Во првата средба Кашима дома победи со 2-0. Кашима е 24-от тим што ја освојува титулата првак на Азија. Најтрофеен е Поханг од Јужна Кореја, со три титули.
Есперанс во реваншот од финалето на ЛШ на Африка дома го победи Ал-Ахли од Египет, со 3-0. Во првата финална средба беше 3-1 за Ал-Ахли. За Есперанс тоа е трета титула (славеше и во 1994 и во 2011 година), а најмногу трофеи има Ал-Ахли, осум.
Познати се шест од седумте учесници на клупското СП. Така, покрај Кашима и Есперанс, на клупското СП ќе играат и Ал-Аин (претставник на домаќинот ОАЕ), Тим Велингтон (Нов Зеланд, првак на Океанија), Гвадалахара (Мексико, првак на Северна Америка) и Реал Мадрид (Шпанија, првак на Европа). Се чека само уште шампионот на Јужна Америка (Бока јуниорс или Ривер плата, двата од Аргентина).