Пред да реши дали да ја бомбардира Сирија по наводниот хемиски напад во Дума, претседателот на САД треба да даде одговори на повеќе клучни прашања, како на пример дали бомбардирањето навистина би спречило идни хемиски напади, дали тоа ќе предизвика војна со Русија, дали е легално и дали САД имаат одговорност да реагираат на секое (не)докажано злосторство во светот
Навистина се застрашувачки сцените од Дума, еден од најголемите градови во предградието на Дамаск. Насекаде има тела на мажи, жени и деца убиени со отровен гас, кој наводно го испуштил авион на сириската влада во текот на ноќта. Насекаде шетаат ненаспани и исцрпени медицински лица, кои веќе почнаа да молат за дополнителна медицинска помош додека со вода ги третираат погодените од хемиската супстанција и им ставаат кислородни маски на другите што биле изложени на нападот. Спасувачите од „Белите шлемови“ ја опишуваат хаотичната ситуација. Сириско-американското медицинско друштво регистрира 43 загинати. Сириско-арапската „Црвена полумесечина“, која го пребарува градот за преживеани, до утрото наоѓаше тела на улиците. За помалку од 12 часа откако првите извештаи беа објавени на социјалните медиуми, официјален Вашингтон беше згрозен што вакво нешто се случи во 21 век. Многу политичари не сакаа да коментираат за хемискиот напад, но некои повисоки претставници го искажаа својот став дека администрацијата на Трамп треба да преземе мерки за ова.
Сенаторот Бен Менендез, кој е висок член на Комитетот за надворешни односи, на Твитер објави дека „САД мора да бидат против секаква употреба на хемиско оружје каде било во светот“. Сенаторот Џон Мекејн, кој е претседавач на Комитетот на вооружените служби, ја обвини Белата куќа за хемискиот напад и притоа тврдеше дека барањето на Трамп за повлекување на американските сили од Сирија го натерале Башар ал Асад да ги употреби овие оружја без притоа да понесе одговорност. Како треба да одговори Трамп? Во интервју за Си-ен-ен, сенаторката Сузан Колинс препорача одмазднички напад како оној од април 2017 година, кога американски бродови во Средоземно Море лансираа десетици крстосувачки ракети „томахавк“ кон сирискиот воен аеродром како одговор на нападот со гасот сарин во северна Сирија.
Администрацијата на Трамп може да ја искористи оваа можност. Советникот за национална безбедност на претседателот веќе изјави дека „сите опции се на масата“ што во најмала мера покажува дека Советот за национална безбедност може на претседателот Трамп да му претстави консензуална препорака да лансира ракети „томахавк“. Претседателот Трамп се огласи за наводниот хемиски напад и Башар ал Асад треба да очекува напад врз неколку негови воени бази. Претседателот на САД заедно со неговиот потпретседател Мајк Пенс и новиот советник за национална безбедност Џон Болтон пред новинарите порача дека „имаат многу воени опции, кои наскоро ќе ги откријат и тоа пред нешто да се случи“. Кога се случуваат вакви трагедии, Вашингтон има тенденција морално да се преиспитува.
Ова особено важи за Сирија за која поголемиот дел од американскиот естаблишмент во надворешнополитичкиот сектор е убеден дека војната одамна ќе беше завршена ако САД порано се вклучеа во неа. Сепак, токму кога емоцијата ќе почне да доминира во дискурсот, тогаш треба да надвладее здравиот разум. Големите одлуки во надворешната политика, особено кога одлуката ја вклучува употребата на американска воена сила, не може само да се базираат на човечката емоција. Сепак, ако САД даваа одговор на секое насилство што се случува во светот секој ден, тогаш американската војска немаше повеќе да биде американска, туку ќе прераснеше во светски полицаец што ќе се вмешуваше во секоја ситуација во обид да ги поправи сите проблеми во светот.
Откако сè ќе се каже и издебатира, претседателот Трамп би можел да донесе одлука да нападне уште неколку сириски воени капацитети за да им покаже кој е главен на Башар ал Асад, Иранците и на Русите. Но секако се надеваме дека Белата куќа ќе ги разгледа тешките прашања што американскиот народ очекува нивните лидери да ги постават. Прво, ако целта на американскиот воен напад како одговор на наводниот хемиски напад во Дума е да се спречи понатамошна употреба на хемиските оружја, тогаш дали ќе биде успешен? Токму оваа беше идејата зад владиниот ракетен напад на воздушната база „Ал-Шајрат“ пред една година, кој беше поздравен од конгресмените од двете политички опции. Како Американци неколку дена се чувствувавме горди на нападот од лани во април, но операцијата не успеа во целта за спречување.
Во меѓувреме наводно беа извршени десетици напади со хлор. Дали слична операција би се покажала успешна? Ако не, тогаш која е целта за преземање воена акција за да се задоволи потребата дека се „преземаат некакви мерки“? Второ, каков одговор ќе дадат Русите? Генералот Валериј Герасимов, началник на рускиот Генералштаб, не е човек што сака да привлекува внимание, така што не би било паметно од страна на Вашингтон да ги игнорира неговите закани за „возвратни мерки“ доколку САД се решат за воена акција против сириската влада. Москва инвестираше огромни ресурси во зачувување на режимот на Асад и ако не беа руските воздухопловни сили, главата на Асад досега ќе беше набиена на колец. Администрацијата на Трамп не треба да се залажува дека рускиот претседател Владимир Путин ќе ја промени тактиката по хипотетичката воена операција на САД без разлика колку е мала и прецизна. Дали опасностите од можната конфронтација на големите сили се вредни за неколкудневни позитивни вести за Белата куќа?
Трето, дали администрацијата на Трамп воопшто има законско право да спроведе напад против сириската влада? Многу политичари тврдат дека има затоа што како врховен командант претседателот Трамп ја има извршната моќ да им нареди на американската војска и на авијација да се вклучат во борба доколку смета дека тоа е во интерес на американската национална безбедност. Сепак, ова е бизарно толкување на законот и она што всушност е напишано во американскиот Устав по ова прашање. Претседателот можеби е врховен командант, но тоа не значи дека има моќ на крал. Доколку избраните претставници во американскиот законодавен дом не ја одобруваат воената опција, тогаш е противзаконски претседателот да ја спроведе одлуката. Ако претседателот Трамп не отстапува од намерата за воено решение, тогаш ќе мора да го испрати својот тим за национална безбедност во Конгресот за да добие согласност.
Конечно, дали Америка има одговорност да одговори на секој наводен или потврден случај на употреба на хемиско оружје во секој дел од светот? Ако Трамп реши да употреби воена сила и да уништи неколку десетици сириски борбени авиони или неколку сириски воени бази или контролни пунктови како одговор на грозоморниот чин во Дума, тогаш тој ќе направи преседан и ќе ги изложи САД на слична акција во иднина. Светот ќе очекува САД да се вмешаат без разлика на тоа дали состојбата директно влијае на американската национална безбедност. На пример, што ќе се случи ако суданската влада одлучи повторно да употреби хемиско оружје во регионот Дарфур? Дали пријателите, сојузниците и партнерите на Америка веднаш ќе се обратат до Белата куќа, Пентагон и до Стејт департментот и ќе очекуваат САД да дојдат на помош во некој далечен предел на Африка?
Што ако во истрагите се потврди дека турската војска всушност користела хемиски супстанции за време на нападот на градот Африн во северна Сирија? Дали Вашингтон има обврска да спроведе воена операција против Турција, која е членка на НАТО и им дозволи на САД да ја бомбардираат Исламска држава од нејзината воена база во Инџирлик? Дали има крај оваа приказна? Ако кабинетот на Советот на национална безбедност сака добро да му служи на претседателот, тогаш ќе ги разгледа сите овие прашања. Тие што сакаат итна воена акција на САД најверојатно таквата дебата ќе ја сметаат за изговор да не се преземе ништо. Сепак тоа нема да биде далеку од вистината, затоа што разгледувањето на сите аспекти на проблемот во внатрешните агенции е токму начинот на кој американската машинерија во надворешната политика треба да функционира.