По подолго време, Македонската филхармонија повторно ќе го изведе грандиозниот Реквием од Волфганг Амадеус Моцарт, едно од најкрупните дела во класичната музика. Вечерва, во 20 часот, под диригентство на миленикот на македонската музичка публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, Моцартовото генијално дело ќе биде изведено на симфонискиот концерт насловен „Requiem Aeternam“, од оркестарот на Македонската филхармонија, хорот при Факултетот за музичка уметност, подготвен од маестро Сашо Татарчевски, како и солистите: Ким Лилијан-Стребел – сопранистка од Швајцарија, Мартин Ванберг – тенор од Шведска, Николина Јаневска – мецосопранистка и Владимир Саздовски – бас.
На овој концерт ќе биде изведено и делото „Моц-арт а ла Хајдн“ од Алфред Шнитке, на кое како солисти ќе се претстават виолинистите Владимир Костов и Владимир Крстев, како и Масонска погребна музика од Моцарт.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори.
„Откритие на вечерта“, напиша „Бадише цајтунг“ за британската певица, сопранистката Ким Лилијан-Стребел од Швајцарија, која за своите настапи постојано добива високопозитивни критики. Во текот на минатата година, таа оствари голем број деби-настапи во врвни продукции во Синсинати, Берлин, Фрајбург… Во ансамблите на театрите во Фрајбург, Базел, Виена, Берлин… Неодамна го направи концертното деби со Симфонијата на Атланта, со симфонискиот оркестар на Би-би-си, со оркестарот „Тонхале“ во Цирих, меѓу другото настапувајќи и во Моцартовиот реквием. Ким Лилијан е родена во Лондон, но растена во Швајцарија, а студирала на Кралската академија за музика и на Кралскиот конзерваториум на Шкотска.
Шведскиот тенор Мартин Ванберг дипломирал на Оперската академија во Копенхаген во 2010 година. Досега учествувал и во голем број современи опери и концертни дела. Неговиот репертоар е значително голем, вклучувајќи дела од Бах, Бритн, Хендл, Хајдн, Менделсон, Монтеверди, Моцарт, Персел, Вивалди…
Мецосопранистката Николина Јаневска дипломира со највисока оценка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Весна Гиновска-Илкова. Во Македонската опера и балет дебитира во 2012 година, каде што моментно е вработена како солистка. Иако е млада оперска солистка, Јаневска досега учествувала во многу оперски продукции, толкувајќи главни и епизодни улоги. Минатата година оствари голема турнеја низ Кина, а својата наобразба ја продолжува активно во Италија. Бас-пејачот Владимир Саздовски дипломира на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, во класата на доц. Нико Исаков, а потоа остварува двeгодишна специјализација во Виена, на Државниот универзитет за музика и уметност.
Магистрира во класата на маестро Борис Трајанов. Виолинистот Владимир Костов ги завршил студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрирал, а стручно се усовршувал кај повеќе истакнати педагози од земјата и од странство. Костов е единствен музичар од Македонија што повеќепати бил избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти.