ПСЖ и во отсуство на повредениот Нејмар го декласира ланскиот првак Монако (7-1) во дербито на колото со што ја освои фудбалската шампионска титула во Франција. По Баерн и по Манчестер сити, ПСЖ е третата екипа во петте најсилни европски лиги што на пет кола пред крајот на сезоната ја освојува титулата. За ПСЖ ова е петта шампионска титула во последните шест сезони во Лига 1 (лани триумфира Монако), вкупно седма во клупската историја, три помалку од рекордните 10 на Сент Етјен. Тренерот на ПСЖ, Унаи Емери, како и неговиот сонародник Пеп Гвардиола со Манчестер сити, стана првиот Шпанец, освојувач на шампионска титула со клуб во Франција. Доколку ПСЖ ги добие преостанатите пет меча ќе собере 102 бода и ќе биде првиот тим со повеќе од 100 поени во една сезона. Парижаните веќе постигнаа 103 гола (примија само 23) и се на добар пат да ги надминат рекордните 118 на Расинг од Париз во сезоната 1959/60. 


Јуве и Барса пред шампионска промоција

Во италијанската Серија А Јувентус триумфира над Сампдорија со 3-0 и на шест кола до крајот на фудбалската сезона има 84 бода, шест повеќе од Наполи. „Старата дама“ ќе биде на дофат на нова, седма титула едноподруго, доколку во решавачкиот меч, в недела, го совлада Наполи во Торино. Пред нова титула во Шпанија е и Барселона, која е без пораз сезонава (25 победи и седум ремија), и е лидер со 82 бода, 11 повеќе од второпласираниот Атлетико. Сѐ освен нова титула за Барса би личело на вистинско спортско чудо. Каталонците, кои беа елиминирани од Рома во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) се пред освојување двојна круна во Шпанија. В сабота во финалето на шпанскиот куп Барса се среќава со Севилја на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид.