Шумите се бели дробови на една држава, одбранбен механизам од климатските промени и големо национално богатство на секоја држава. За жал, со години, а особено годинава пожарите за миг проголтаа голем дел од ова богатство. Што треба да се направи за да се превенира и спречи уништувањето на шумското богатство, кое потоа тешко се обновува? Експертите предлагаат нова стратегија и со промена на видовите со кои ќе се пошумува, да се изберат видови што се потешко запаливи, видови што брзо се обновуваат, бидејќи со досегашната стратегија се вложува многу и наеднаш може и многу да се изгуби

ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДЛАГААТ НОВА СТРАТЕГИЈА ЗА ШУМИТЕ

Шумите се бели дробови на една држава и одбранбен механизам од климатските промени. Токму поради тоа Европејците особено обрнуваат внимание на нивното негување. За жал, ова лето пожарите како кај нас така и во многу други држави одзедоа голем дел од нив. Нашите шуми се наше национално богатство и секаде каде што пожарите пламтеа и сѐ уште горат однесоа дел од него. Колкава е штетата од сегашните пожари, допрва ќе се проценува, иако, несомнено, таа е огромна и ненадоместлива. Но што велат бројките и статистиката за минатите години.
Во текот на 2020 година биле евидентирани 102 пожари, со вкупно опожарена површина од 1.233,92 хектари, а опожарена дрвна маса е 8.138 кубни метри, при што е причинета штета од 81.071.150 денари. Од ЈП „Национални шуми“ информираат дека вкупните трошоци за гасење на минатогодишните пожари изнесувале 1.329.734 денари. Во гасењето на сите 102 пожари учествувале 1.101 лице, од кои поголем број биле вработени од ова претпријатие. Од бесправни сечи лани била одземена дрвна маса од вкупно 389,58 кубни метри, а процената на бесправно пресечената дрвна маса изнесува 482,86 кубни метри. Од непознат сторител во 2020 година е одземена дрвна маса од вкупно 1.503,29 кубни метри или процената за бесправно исечените дрва изнесува 26.132,08 кубни метри. Токму поради сето ова и поради последниве огнени стихии што проголтаа хектари и хектари шума, се поставува прашањето колку се обрнува внимание на пошумувањето и кога последен пат е пошумувано, бидејќи она на што граѓаните последно се сеќаваат е акцијата за Денот на дрвото „Посади дрво, посади ја својата иднина“. Од „Национални шуми“ тврдат дека пошумувања се реализираат и се предвидени според посебните планови за стопанисување со шуми во неколку фази според предвидената динамика и обработка на почвата.

– Изборот на дрвните видови за пошумување на предвидените површини е според едафско-климатските и педолошки услови, адаптибилни за успешнa прифатеност и понатамошен развиток на садниците. Во зависност од надморската височина и географската местоположба на локалитетите, се пошумува со дрвни видови што се адекватни во согласност со педолошката структура на почвените и климатските услови. Со Законот за шуми се уредуваат планирањето, управувањето, стопанисувањето (одгледувањето, заштитата и користењето), а донесените одредби со овој закон се применуваат на сите шуми и шумско земјиште, без оглед на сопственоста и намената. Работите на одгледување на шумите предвидени со плановите и програмите се извршуваат секоја година, по обем и квалитет сразмерно на искористениот сечив етат во претходната година, но не помалку од 50 отсто од предвидените – вели Јулијана Николова, генерална директорка на ЈП „Национални шуми“.
Од претпријатието дополнуваат дека со годишниот изведбен план, кој е во согласност со посебните планови за стопанисување со шумите, се реализираат предвидените одгледни мерки: пошумување со шумски садници, подсејување со пошумување со семенски материјал, пополнување, санирање опожарени површини со пошумување и други одгледни мерки.
Познавачите на состојбите и љубители на шумите и планините велат дека ако зборуваат во однос на површините под шума, можат слободно да кажат дека тие последниве години се зголемени, но не поради нешто друго, туку поради тоа што 90 отсто од селата се напуштени и зашумени.

Ако зборувам во однос на квалитетот на шумите, се изгуби многу. По Втората светска војна, светски тренд било да се подигаат четинарски шуми, па се саделе црн бор, чемпрес и смрека и со истите видови е пошумувано до 1970-тите години. Со истите видови се пошумува до ден-денес, а борот и чемпресот се лесно запаливи и гледате и сега со пожарите прекуноќ ќе изгори огромна површина. Затоа стратегиски треба да се менуваат видовите со кои ќе се пошумува, да се изберат видови што се потешко запаливи, видови што брзо се обновуваат, бидејќи со досегашната стратегија се вложува многу и наеднаш многу може и да се изгуби, како што беше случајот со пожарот во Кочани. Затоа мора заедно да седнеме и да направиме стратегија со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Министерството за економија и ЈП „Национални шуми“, да се договориме како понатаму- вели професор д-р Јане Ацески од Шумарскиот факултет во Скопје.
Од ЈП „Национални шуми“, пак, додаваат дека бидејќи нивна основна дејност е стопанисување со шумите за стопанска намена во државна сопственост, тоа подразбира одгледување, користење и заштита на шумите, на начин, методи, техники и технологии што ќе обезбедат трајно зачувување и проширување на нивната површина, со што ќе се обезбеди најголем прираст во согласност со природните услови на месторастење, ќе се зачуваат и подобрат нивните производствени и општокорисни функции и ќе се зголеми нивната вредност.

– ЈП „Национални шуми“ одгледувањето и користењето на шумите го врши плански, во согласност со посебните планови за стопанисување со шуми, на начин што обезбедува трајно зачувување на нивната површина и зголемување на вредноста на шумите, постојано зголемување на нивниот прираст и принос, како и зачувување и унапредување на нивните општокорисни функции, кои се во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина. Заштитните функции на шумите се остваруваат преку заштита на земјиштето и други објекти од ерозија, влијание на водниот режим и режимот на ерозивните наноси, заштита на хидромелиоративните системи и објекти, заштита на населби и објекти од јавен и локален интерес во државна и приватна сопственост. Производствените функции, пак, на шумите се во насока на производство на дрво и други производи од шумата, како и производство на кислород, односно шумите се нашите бели дробови – дополнуваат од ЈП „Национални шуми“, додавајќи дека грижата за шумите треба да биде длабоко врежана во свеста на секој граѓанин.


Додека едни пожари се гасат, други се активираат

Битката со пожарите што беа активирани на почетокот од минатата недела продолжи и во текот на изминатиот викенд, со голема помош на странски професионални и доброволни екипи, како и на воздухоплови за гасење пожари. Според извештајот на ЦУК, вчераутро сѐ уште бил активен пожарот во атарот на Делчевско, при што се појавиле нови жаришта, и тоа едното кај селото Разловци, а другото кај селото Нов Истевник.
Во меѓувреме, сите пожари на беровска територија беа локализирани и ставени под контрола, а во текот на вчерашниот ден се догасуваше на ризичните места.
Во текот на викендот, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје интервенирала со гасење пожар на мешана шума во селата Раовиќ, во општината Сарај, село Дивље и местото Крушје, во општината Петровец, а локализиран е пожар и кај селото Џидимирци, во општината Велес.
Во неделното соопштение на ЦУК се информира и за пожар во атарот на селата Дрен – Смолане, кој бил ставен под контрола.

Пожар имаше и во атарите на селата Жељувино и Дренок во општината Старо Нагоричане, но набрзо огнот бил изгаснат.
Инаку, и понатаму најголема е опасноста од пожари во Беровскиот Регион, околу селото Будинарци, каде што вчера во посета беше премиерот Зоран Заев.
Премиерот, меѓу другото, најави дека државата ќе ги надомести штетите што ги претрпеа граѓаните како последица на пожарите.
– Сега се прават процени на терен, за да се обесштетат граѓаните. Да не се грижат, ќе го надоместиме тоа што е загубено. Ќе има и нови сеидби, се знае во кој предел какво дрво вирее, па се прави план за голема сеидба на дрвја оваа есен – вети Заев. Ј.П.