Пражелките се разликувале од денешните желки по многу работи
Шкотски и кинески научници утврдиле нови докази според кои пражелките немале оклоп, а од нивните откритија се дознаваат и нови факти за развојот и за еволуцијата на желките.
Изминативе години, преку истражувањата на терен, се пронајдени релативно малку фосили од пражелки, поради што често научниците си го поставуваа прашањето кога и на кој начин овие животни го развиле оклопот и какви биле нивните предци.
Резултатите од истражувањата што ги спровеле неодамна кинеските научници од Пекиншката академија на науките се објавени во магазинот „Нејчр“, кои воочиле некои научни факти што претходно недостигале за да се докаже дека желките порано навистина немале оклоп.
Истражувачите од југозападната кинеска провинција Гуејџоу откриле речиси целосен фосил на пражелка, стар околу 228 милиони години и долг околу два и пол метри. На скелетот е видлив клун, но и неколку заби, што упатува на делот што недостига од процесот на еволуција.
– Ова е прв фосил на пражелка со клун – изјави Чун Ли, еден од коавторите на студијата.
Чун додава дека обликот на коските откриен на неодамна пронајдениот фосил оди во прилог на претпоставките дека желките имаат исти предци како и повеќето рептили, но исто така ова откритие го смета за многу важна алка што недостигаше за да се потврди раната еволуција на овие животни.
– Фосилот на пражелките што го пронајдовме го нарековме Еорхинчочелис синенсис (Eorhynchochelys sinensis), или утринска желка од Кина што има коски, односно потпора за оклоп, но сепак нема развиен оклоп – објаснува Николас Фрејзер од Националниот музеј на Шкотска во Единбург.
Интересно е што клунот на желката е речиси целосно развиен, забите се зачувани…, по што може да се заклучи дека овој „полуклун“ и вилица со заби се извонреден показател на преодните карактеристики за понатамошниот развој на денешните желки – додава Фрејзер.
Два и пол метри долгиот фосил има долга опашка и широки сплеснати ребра по должината на задниот дел, кои се сметаат за потпора или основа на оклопот.
Инаку, оклопот на желките им е од исклучителна важност, односно им служи како заштита, но и им овозможува да поминат подолго време под вода.
Во него се наоѓа резерва од магнезиум и калиум, кои ги штитат од развој на млечни киселини. Оклопот лежи на околу педесет коски со ребра, на рамни коски и на пршлени.
Научниците велат дека благодарение на новите откритија се чекор поблиску до откривање на фактот за тоа на кој начин е развиен оклопот кај желките. Тие се надеваат дека ќе пронајдат нови фосили што ќе им дадат уште подобар увид во оваа непознаница.
Желките се древни животни форми, кои најпрво се појавиле на Земјата за време на тријасот, кој траел од пред 240 до 205 милиони години. Постојат околу 270 денешни видови желки, кои се групирани во 12 или 13 фамилии. Желките го населуваат секој континент освен Антарктикот. Живеат во различни живеалишта, како бари, реки и океани, шуми и степи, па и во пустини.