Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со сегашните цени на горивата, транспортерите работат на работ на рентабилноста, поради што има опасност да се затворат некои од малите фирми

Растот на цената на нафтата на светските берзи значително ја влошува и онака тешката состојба во транспортниот сектор. Цените на горивата во последниов период имаат нагорна тенденција, што најмногу го чувствуваат транспортерите. Ако ваквиот тренд продолжи, има опасност и транспортот да поскапи, а со тоа секако и цените на другите производи.
– Факт е дека најголема ставка кај транспортот се горивата, па секое нивно поскапување ќе значи и поскап транспорт, а транспортот е вграден во секоја цена во малопродажбата. Сепак, цените на превозот во Македонија не се зголемуваат пропорционално со растот на цената на горивата – вели Билјана Муратовска, од транспортното здружение „Макамтранс“.

Таа истакнува дека покрај растот на цената на нафтата на светските берзи, во Македонија горивата имаат повисока цена и од воведувањето на акцизата.
– Кај нас сѐ уште не е прифатено да имаме поврат на акцизата, како што има поврат на ДДВ. Ние поднесовме барање, но сѐ уште немаме позитивен одговор. Доколку не се прифати, нашите превозници немаат право да бараат поврат на акцизата ниту во земјите каде што е воведена оваа одредба. Доколку се прифати, се испраќа допис до другите земји и нашите транспортери ќе може да бараат поврат на акцизата и во други земји. На овој начин ќе се подобри конкурентноста на македонските транспортери – појаснува Муратовска.
Таа истакна дека со сегашните цени на горивата, транспортерите работат на работ на рентабилноста, немаат заработка, поради што има опасност да се затворат некои од малите фирми.

 

– Светската економска криза кај нас транспортерите сѐ уште трае. Факт е дека кај нас цените на горивата беа пониски, па транспортерите практикуваа да ги полнат резервоарите во Македонија, но тоа не е доволно за долги тури. Дополнително, сега со поскапувањето и воведувањето на акцизата, цените на горивата кај нас се изедначуваат со оние низ европските земји, па уште повеќе се намалуваат нашите примања, а доколку поскапи услугата стануваме неконкурентни – истакна Муратовска.
И бизнисмените стравуваат дека поскапувањето на нафтата ќе се одрази врз нивната работа и дека истото тоа може да се прелее и врз цените на производите во малопродажбата.

– Факт е дека цената на нафтата не зависи од нас, туку од случувањата на светските берзи. Поскапувањето на горивата и воведувањето акциза сигурно ќе влијае врз транспортот, а може и на цените на другите производи. Иако има начини како да се компензира растот на горивата, на пример преку државни резерви, кај нас тоа не се применува. Има најави дека поскапувањето на нафтата ќе продолжи, што може лошо да се одрази на цените. Ќе бидеме среќни доколку тоа не предизвика инфлација. Но, во тој случај ќе мора да реагираат надлежните институции и да најдат решение да не дојде до инфлација – истакна поранешниот претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи.

Домашните експерти сметаат дека сегашното поскапување на нафтата најмногу ќе го почувствуваат транспортерите и дека засега нема опасност од инфлација или нови поскапувања.
– Поскапувањето на нафтата први како проблем ќе го почувствуваат транспортните претпријатија, кои не можат веднаш да ги качат цените на превозот. Ова поскапување, или товарот од повисоките цени на нафтата ќе го почувствуваат токму транспортните претпријатија. Искрено не очекувам дека со сегашната состојба во државата инфлацијата е таа што треба да нѐ загрижува. Не очекувам инфлација, но од друга страна и Народна банка ги следи случувањата и доколку смета дека има опасност, има инструменти со кои може да ја спречи – вели професорот Зоран Ивановски.