Во периодот што е пред нас целата енергија треба да се насочи кон креирање политики, кои ќе обезбедат високи стапки на пораст на бруто-домашниот производ. Доколку не се избориме за високи стапки на пораст, сите наши заложби за НАТО и за ЕУ паѓаат во вода. Со сегашните занемарливи или ниски стапки на пораст ќе станеме држава што не може да ги извршува своите обврски и, како таква, може да биде само проблем за Европа. А проблеми во своите редови, никој не сака
За влез во Европската Унија и во НАТО, потребна ни е многу посилна и високорастечка економија. Македонија, наназад неколку години, воведе неколку економски реформи поврзани со економските политики, но, сепак, не се овозможи подобрување што видливо би се отсликало и на клучните економски индикатори, како што е економскиот пораст. Во таквиот контекст, неодминливо се наметнува прашањето дека треба да се побараат нови, поинакви политики. Уште повеќе, потребно е да се направат радикални промени на економските политики што драстично и забележливо ќе се одразат на економијата и ќе придонесат за силно динамизиран долгорочен пораст на БДП. Предизвикот е дотолку поголем што токму оваа 2019 година, Владата ја прогласи за година на економијата, каде што целата енергија ќе биде насочена токму во овој сегмент.
Токму преку овој клучен показател, односно БДП, направивме споредба каде е Македонија во споредба со ЕУ и во која насока и какви конкретни зафати треба да се направат за состојбите да се подобрат. Доколку направиме споредба меѓу порастот на бруто-домашниот производ по жител меѓу Македонија и ЕУ, се забележува огромна разлика, што е уште еден пластичен доказ дека нашата земја е далеку од достигнување на стандардот на развиените земји.
Ако хипотетички поставиме дека порастот на Европската Унија би бил 2 отсто, тогаш на Македонија би ѝ бил потребен пораст од 12 отсто за да го достигне нивото на ЕУ, и тоа за околу 41 година доколку ЕУ стагнира!?
Но ако порастот на Македонија би бил 4 отсто, тогаш Македонија би го достигнала нивото на Европската Унија за 125 години, но доколку ЕУ стагнира!?
Овие економски калкулации покажуваат дека на Македонија ѝ се потребни високи стапки на пораст и само на тој начин може да се доближи до стандардот на ЕУ.
Но за да се оствари толку висок пораст, потребно е да се применат радикални промени во монетарната и во фискалната стратегија. Приоритетите мора да бидат насочени кон зголемување и поддршка на производството, извозот, инвестициите, пристап до финансирање на компаниите, продуктивноста на работната сила преку континуирано унапредување на образовниот процес, како и зајакнување на конкурентноста на македонската економија, намалување на сивата економија.
Економските експерти велат дека она што го генерираат состојбите на стагнација или ниските стапки на економски пораст е одливот на квалитетни кадри, кои мигрираат надвор, тенденција што трае многу долго време, но се интензивира во последниве 15 години. А ставот на денешната младина дека својата перспективата ја гледаат исклучиво во странство, говори за опасноста масовното иселување и понатаму да продолжи.
– Запирањето или забавувањето на важни инфраструктурни проекти и забавеноста во реализацијата на странските директни инвестиции се двигатели на отсуство на пораст. Ова се ризиците што би повлекле надолна ревизија на стапката на пораст. Владин фокус врз економијата и повторно заживување на порастот сега се потребни повеќе од кога било. Дополнително, ваквата слика покажува дека фокусот мора да биде врз тоа како да креираме нова вредност во економијата, за влез на свежи пари во неа – се вели во анализата на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, фокусот мора да остане на создавањето додадена вредност, што ние како мала економија, која е сиромашна со ресурси, може да го постигнеме само преку извоз, и тоа преку перманентно подобрување на структурата на извозот.
– Странските инвестиции треба значително да ни помогнат во таа насока. Секако, прашањата за прераспределба не треба да бидат исклучени, но во оваа фаза тие треба да останат подредени на создавањето нова вредност – објаснува тој.
Како што вели Петрески, на долг рок е битно да се работи на зголемување на потенцијалот на економијата, односно да може економските политики рапидно да ја поместат Македонија со стапка на пораст што е долгорочна.
– Првиот фактор што сметам дека ќе го помести долгорочниот пораст на економијата е производствената база во економијата – истакна Петрески.
Тој притоа ги има предвид првенствено домашните, но, секако, и странските производствени капацитети, со кои полека почна да има нагорен тренд и структурно поместување.
– Тој концепт никако не треба да се напушти, а имено за зголемување на производствената база, зајакнување на нејзината технолошка основа и поврзување со домашната производствена база што, можеби, не е доволно силна сама да се вклучи на меѓународните пазари и во глобалните синџири на снабдување – смета Петрески.
Вториот фактор е човечкиот капитал, додава тој, каде што Македонија значајно потфрли.
– Ќе може да имаме поголем пораст на долг рок ако сите ние како работници сме попродуктивни, за што клуч се образованието и здравствените политики. На глобално ниво, главната дебата е дека клучни се вештините, а не самите дипломи или степени на образование. Третиот фактор се институциите, нивната кредибилност и владеењето на правото – појаснува Петрески.
Како што нагласува професорот, зајакнувањето на институциите е важно за да осигури праведен и еднаков амбиент за работа и стопанисување на сите.
– Ако ги поставиме овие темели на економијата, ќе може на среден до долг рок да зборуваме за зголемен потенцијален економски производ, односно да го зголемиме оној долгорочен пораст на 5 отсто, па и повеќе, на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението – посочува Петрески.
Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека пред околу две декади, кога порастот на БДП бил 3,4 отсто според Народна банка на Македонија, објавил анализа дека за постигнување на економските услови за зачленување во Европската Унија е потребно да има многу поголем пораст на економијата.
– Мојата анализа, во 1998 година, покажа дека во најоптимистичкото сценарио, Македонија треба да расте со 5-6 отсто, а, пак, ЕУ да стои на место и тогаш, изедначувањето со европските земји би се постигнало во 2020 година, додека во најпесимистичката варијанта тоа би се постигнало во 2025 година. Но, еве, денес сѐ уште го немаме достигнато европското ниво – објаснува Беџети.
Тој додава дека потенцијалот на македонската економија покажал капацитет, а пораст од околу 6 отсто што не е постигнат никогаш, уште помалку може да биде одржлив.
– Не се потребни стратегии за во рафтови, туку прагматични мерки, започнувајќи од структурните реформи, па до поддршката на секторите и проектите каде што има таков потенцијал како лесната преработувачка индустријата, енергетиката и екологијата, ИКТ-секторот, образованието и здравството, тие би биле најбрзорастечки сектори и проекти, откако би се реконструирале институциите, судството, јавната администрација – истакна Беџети.
Бизнисменот Мендерес Кучи смета дека се неопходни мерки што ќе бидат компатибилни, да се дополнуваат и да ја поддржуваат економијата.
– За економски подем, потребен е пораст на домашните и на странските инвестиции, зголемување на извозот, подобрување на патната и железничката инфраструктура, гасификација, потоа економски интеграции, најпрвин регионални, а потоа и европски, но сево ова нема да може да се оствари доколку немаме владеење на правото, сузбивање на корупцијата и враќање на довербата кај инвеститорите за нивната сигурност и сигурноста на нивниот капитал – смета Кучи.
Она во што се согласни сите е дека конечно летвичката, кога станува збор за економскиот пораст, мора да се постави многу повисоко отколку досега и да се впрегнат сите сили поставените цели и да се остварат. Задачата, секако, нема да биде лесна, но вложените знаења, труд, меѓусебна координираност и синергија меѓу сите чинители во економијата на крајот, секако, ќе се исплатат и ќе ја извлечат државата од тунелот во кој се наоѓа.
И конечно, вистинските наши заложби за членство во НАТО и во ЕУ најдобро се докажуваат преку поттикнување на порастот на домашната економија. На тој начин не само што ќе се осигури нашата евроатлантска иднина туку ќе се спречи и одливот на кадри од државата и изумирањето на цели региони и стопански гранки.