Есенски температури, обилни врнежи, град и поплави се последица на студениот бран што зафати дел од Европа, а кој се почувствува и на Балканот. Студеното време полека се повлекува и доаѓа нов, потопол бран.
Делови од Грција и од Халкидики завчера беа зафатени од силно невреме. Обилните врнежи донесоа големи поплави што најмногу го погодија Никити носејќи автомобили во морето.
Силното невреме проследено со поројни дождови го зафати Пловдив во Бугарија во четвртокот утрото. Невремето предизвика значителна материјална штета, а граѓаните јавуваат за последиците од паднати дрвја и оштетени семафори. Медиумите информираат за паднато дрво врз такси-возило. Возачот бил внатре, но успеал да се извлече неповреден. Во друг случај дрво оштетило три возила што биле паркирани во неговата близина.
Во Босна и Херцеговина, на Бјелашница, вчераутро се измерени два Целзиусови степена, а екстремно ладно беше и во Словенија, каде што на одделни места падна снег.
Снежна покривка имало на Кредарица, планински врв во Јулиските Алпи во Словенија и се наоѓа на 2.541 метри надморска височина. Највисоката температура на Кредарица била измерена на 27 јули 1983 година и изнесувала 21,6 степени, а најниска на 7 јануари 1985 година кога биле измерени – 28,3 степени.