Лидерот на современата светска електронска сцена Пол Калкбренер гостува првпат во Македонија на десетто издание на „Грин бич фестивал“, кое ќе се одржува на 1 и 2 август во Струга. Еден од најголемите светски електронски продуценти Пол Калкбренер, е познат како главен изведувач на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред десетици илјади луѓе. Во историјата на музиката ќе остане запаметен неговиот настап по повод одбележувањето 25 години од падот на Берлинскиот ѕид пред половина милион луѓе, што уште долго време ќе остане недостижна бројка и за најпознатите светски имиња. Со неговиот настап на 1 август ќе биде одбележано отворањето на јубилејниот „Грин бич фестивал“, кој и ова лето ќе се одржува на локацијата кај хотелот „Еуротел“ во Струга.
Калкбренер е несомнено симбол на Берлин како светска престолнина на современата електронска сцена. Творецот на електронските класици меѓу кои е и мултиплатинестиот „Sky & Sand“, е главен актер во култниот филм и истоимен албум „Berlin Calling“, кој се ширеше на интернет како своевидна техно-библија. А интересот за самиот филм најдобро го илустрира фактот дека тој неколку години непрекинато беше на репертоарот на берлинското „Кино Централ“.
Кариерата ја започнува уште во 1992 година, а своето прво издание за берлинската диџејска хероина Елен Елиен и нејзината издавачка куќа „Би питч контрол“ го објавува во 1999 година.
– Во претходните две децении со осум студиски албуми тој ги помести границите на електронската музика, првенствено бидејќи не е диџеј, туку настапува во живо, исклучиво со своите нумери со кои ги диктира трендовите во електронската музика. Во сето ова, Калкбренер успева да биде и ангерграунд и мејнстрим-изведувач. Минатата година Пол Калкбренер го објави и својот нов албум „Parts of Life“ – информираат од продукцијата „Пасворд“.
Покрај Пол Калкбренер, својот настап на фестивалот претходно го потврди и највозбудливиот техно/хаус тандем во моментов „Адриатик“, кој исто така гостува со свој премиерен настап пред македонската публика, на втората фестивалска вечер, на 2 август, а наскоро ќе бидат објавени и другите изведувачи на фестивалот.