Една третина од жените веруваат дека нивната обврска е да имаат деца и да се грижат за домот и семејството, а во заден план им е заработувачката, додека мнозинство од жените – 52,8 отсто, се согласуваат дека домаќинските обврски ги спречуваат да работат надвор од домот. Ова го посочи Весна Ивановиќ, раководителка на канцеларијата на „Ју Ен вомен“ во Скопје на промоцијата на кампањата „Дали знаеш?“ изработена од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Целта на проектот е издигнување на јавната свест за превенција, заштита и намалување на дискриминацијата врз жената.
– Според податоците од Државниот завод за статистика за 2018 година, вкупниот број на вработени жени лани во проценти изнесува 39,6 отсто. Половина од жените се надвор од пазарот на трудот, а доколку се вклучени во најголем дел се соочуваат со дискриминација – нагласи Ивановиќ.
Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, појасни дека во 2015 и 2016 година имало исклучително голем број на убиства на жени од страна на нивните поранешни или сегашни партнери или членови на нивното потесно семејство, и затоа, како што кажа, во нашата држава сѐ уште нема соодветен одговор на барањата за жените што би довеле до нивна правна и реална еднаквост во општеството. Постојат повеќе причини жената да биде оневозможена да учествува на пазарот на трудот, да се вработува, непречено да прави кариера или повеќе да заработува.
Таа додаде дека општеството се соочува со голем број девојчиња што рано стапуваат во брак, затоа се исклучуваат од образованието и немаат пристап до какви било информации или услуги што понатаму би довеле до нивна еманципација и активно дејствување во општествената сфера.