Специфичниот балкански феномен „водат една држава, гласаат во друга“ е практикуван од косовскиот премиер Албин Курти, а претходно и од Милорад Додик, како претсeдател на Република Српска (дел од Федерацијата на Босна и Херцеговина). Истиот овој феномен хипотетички проектиран на големата глобална светска геополитичка сцена би личел на филмска пародија, во која на пример Бајден, како претседател на САД, би гласал во Канада, или Путин, претседателот на Руската Федерација, би излегол на избирачко место во Украина…
Регионален феномен, политичка порака или будење на балканските сеништа од минатото
Во неделата, на 25 април, косовскиот премиер Албин Курти се појави на избирачко место во Тирана, Албанија, според меѓународната номенклатура (сѐ уште) државен суверен субјект што граничи со Косово. Движењето Самоопределување, кое актуелно е на власт во Косово, дури имаше и своја листа на парламентарните избори во Албанија, чиј носител е Бојкен Абази, а Курти од Косово изјави дека гласа во „соседството“ за листа на своето движење. Светските медиуми известуваат дека Курти е единствениот светски премиер што води една земја, а гласа во друга држава. Гласањето на косовскиот премиер во Албанија, иако можеби има призвук на „куриозитетна сензација“, во регионот наречен Западен Балкан беше протолкувано како нов прилог во хроничните геополитички стравови од можноста за спојување на Косово и Албанија и формирање голема Албанија. Истовремено, практично и показно Курти актуализира уште еден регионален проблем – каде треба да гласаат оние што имаат по две-три (или повеќе) државјанства.
Во специфичниот балкански феномен „водат една држава, гласаат во друга“, секако, може да се смести и постапката на Милорад Додик, кога, како претседател на Република Српска (дел од Федерацијата на Босна и Херцеговина), гласаше на локалните избори во Србија во 2018 година. Ваквата појава хипотетички проектирана на големото „платно“ од светската геополитика личи на утописка пародија, во која на пример Бајден, како претседател на САД, би гласал во Канада, или Путин, претседателот на Руската Федерација, би излегол на избирачко место во Украина.
– Гласањето на Курти во Албанија, исто како и на Додик во Србија, е тежок балкански национализам, кој сите од регионот нѐ враќа во 19 век, наместо да живееме нормално во 21 век. И едниот и другиот покажуваат дека се поддржувачи и дека се водени од ретроградни големодржавни идеи. Сѐ што е нормално во политичките односи меѓу државите од регионов и што треба да се подобрува, тие не го признаваат. Со гласањето на изборите во Албанија, Курти покажа дека неговата основна цел е финализирање на големоалбанскиот проект. Неговото гласање во Тирана е јасна демонстрација на неговата позиција дека во прашање е една држава. Тоа, по логиката на нештата, во голема мера е и точно, бидејќи границата меѓу Косово и Албанија е речиси формална, а со нелегалното отцепување и независноста на Косово, големоалбанскиот проект повеќе од 75 отсто е реализиран. Сепак, ова што се случува, со гласањето на Курти во Албанија, или на Додик во Србија, во светската политика е далеку од вообичаено, ниту е нормално однесување, и воопшто не е прифатливо – оценува поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Нескриените намери за упатување политички пораки на балканските лидери преку учество на избори во соседните држави со ист етнички состав на населението (кои тие некако ги сметаат за матични), во друг аспект го активираат и прашањето за правото на гласање на лицата во регионот што имаат по две или три државјанства. Познавачите на состојбите нагласуваат дека тоа е стар проблем на Балканот, кој со сета сериозност се наметна по распаѓањето на југословенската федерација, а се чини дека никој не се нафаќа да го регулира.
– Кога прашањето на правата на лицата со двојни-тројни државјанства се актуализира со некаков чин на поистакнати политички личности, неизбежно е тоа да добие политичка димензија. Несомнено дека тие личности со таквото дејствување упатуваат одредена политичка порака. Но прашањето за правото на гласање, односно каде (во која татковина) може да гласаат лицата со повеќе државјанства има специфична тежина, што може сериозно да генерира проблеми. Симптоматично е и тоа што никој не покажува иницијатива за воопшто да се регулира тоа прашање. Во ниту една од постојните иницијативи во регионот не се зафаќа прашањето за правото на гласање на лицата со повеќе државјанства. Во основа, нема никаква логика некој да гласа во држава, во место каде што реално не живее и да биде дел од одлука или решение што ќе се одразува на животот на оние што вистински живеат во државата. Своите граѓански права, врз основа на државјанство, ќе си ги оствари во државата каде што живее. Државите со стари демократии во Европа тоа го решиле така што некои не дозволуваат двојни државјанства, други со поинакви механизми, но таквите решенија таму функционираат и не создаваат проблеми во општеството – вели дипломатот Огнен Малески.
Сепак, Малески не очекува ова прашање прекуноќ, со консеквентен закон веднаш да биде решено, но смета дека треба потемелно да се отвори и да се разгледа на регионално ниво, па дури и со поширока меѓународна поддршка, за да не се користи во политички цели и постојано да генерира тензии во регионот.
Албин Курти гласа на избори во Албанија, а Милорад Додик – во Србија. Никој не знае колку луѓе на Балканов имаат по две или три државјанства, така создаваат контингенти, одлучуваат за политиките на локално и на национално ниво таму каде што не живеат и каде што не ги трпат последиците од своите одлуки. Нам не ни требаат нонпејпери, си имаме игри без граници, односно игри со „замислените заедници“, а не со реалните… Уставен патриотизам не постои, бидејќи етничките хоризонти доминираат над политичката заедница конституирана со устав (како општествен договор) – поентира професорката Билјана Ванковска токму за новиот „феномен“ на политичка злоупотреба на хроничниот проблем во регионот, а имено со повеќекратните државјанства.