Беше еден од тројцата најважни драматичари во 1980-тите, но и текстописец на групата „Леб и сол“. Во Хрватска се сетија на него дури откако умре. Никаде го немаше цели триесет години, пишува Јерговиќ
МИЉЕНКО ЈЕРГОВИЌ ЗА „ЈУТАРЊИ ЛИСТ“
Познатиот хрватски писател Миљенко Јерговиќ (1966 г.,Сараево), кој денес живее во Загреб, напиша исклучителен текст за нашиот драмски писател Горан Стефановски, објавен во хрватскиот весник „Јутарњи лист“. Меѓу другото Јерговиќ ѝ забележува на хрватската јавност што го заборавила цели три децении.
– Беше еден од тројцата најважни драматичари во 1980-тите, но и текстописец на групата „Леб и сол“. Во Хрватска се сетија на него дури откако умре. Никаде го немаше цели триесет години – пишува Јерговиќ.
Тој потсетува на поставувањето на неговиот текст „Дупло дно“ во 1980-тите години на сцената на Хрватско народно позориште, во режија на Сулејман Капусовиќ, на чија премиера бил, и вели дека, покрај Душан Ковачевиќ и Слободан Шнајдер, Стефановски е најостриот југословенски драмски автор, а нивните дела се генерациски трејдмарк.
– Иако не згасна, туку продолжи да пишува и да биде жив драмски писател (по иселувањето во Велика Британија), за Горан Стефановски сепак би можело да се каже дека е еден од оние писатели што креативно настрадаа со исчезнувањето на Југославија. Се разбира дека со тоа не изгуби на величина и значење, но неговите драми од главните сцени се преселија некаде на маргините и во андерграундот. По војните во 1990-тите, едвај беше игран на сцените на новонастанатите држави, иако неговите драми од 1980-тите не само што се еднакво актуелни туку во меѓувреме ниту се раѓаа ниту стигнуваа подобри, помодерни и поевропски јужнословенски драмски писатели од Горан Стефановски. Ако не за друго, требаше да биде игран за новите театарски генерации да видат како навистина се пишува – вели Јерговиќ.
Во врска со гостувањето на Стефановски на Пулскиот саем на книгата, пред чие непосредно отворање тој почина, Јерговиќ вели дека „рекламата“ дека на саемот ќе се промовира првата негова книга објавена на хрватски јазик, повеќе зборува за хрватската култура отколку за значењето на Стефановски.
– Во книгата, која сѐ уште ја немам во раце затоа што на почетокот на декември не ја наоѓам во загрепските книжарници, има четири негови драми: „Диво месо“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и „Одисеј“. Единствените што ми се чини го играле Стефановски во независна Хрватска се Раде Шербеџија и неговиот „Улис“. Тоа беше на Бриони во 2012 година – пишува хрватскиот автор, а потоа во текстот потсетува на неговите текстови за песните на „Леб и сол“, кои, како што додава, се еден од ретките исклучоци во неговата панкерска музичка правоверност.
Најдрага му е „Лет во место“, за која вели дека Стефановски ја напишал за себе како рефрен за збогување, убав некролог.
Миљенко Јерговиќ е автор на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди, како наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“ (1995), италијанската „Премио Гринзане кавор“ (2003), Ангелската книжевна награда за најдобар роман во Средна Европа (Полска, 2012) и наградата „Његош“ (2015). Тој е еден од најчитаните автори во регионот.