На годинашниот „Макфест“, кој ќе се одржи во Штип, на 10, 11 и 12 октомври, ќе настапат: Биба Додева, Росана Сариќ-Тодоровска, Елена Петреска, Александар Ристовски-Принц, дуото Александар Митевски и Драган Спасов-Дац.
На фестивалската сцена ќе настапат и Лена и Бојан Моротови, пинковите ѕвезди Мартија Станојковиќ, Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски и Трајче Георгиев, Игор Узунов, Барбара, Виктор Апостоловски, како и тројца штипски изведувачи. Од авторските тимови се застапени речиси сите, што ќе му даде посебен квалитет на фестивалот.
Ова беше објавено на неодамнешната прес-конференција во Штип, на која беа соопштени и авторите на 10 одбрани песни од стручната комисија, кои ќе бидат изведени на макфестовската сцена, додека другите 10 песни ќе бидат обезбедени со нарачка.
Од вкупно 67 композиции пристигнати на Конкурсот за избор на композиции за „Макфест“, селекционата комисија на фестивалот по три преслушувања одлучи да ги прими следните десет песни: „Допир нежен“ на Роберто Поп-Димитров, „Оди си“ на Виктор Апостоловски, „Живот без љубов“ и „Тоа е сѐ“ на Весна Малинова, „Зрак“ на Столе Аврамов, „Знам“ на Бобан Василевски, „Магија“ на Томислав Коцевски, „Фанк“ на Принц, „Без тебе нема кој да ме утеши“ на Игор Шарески и „Најмила“ на Тони Карапанчевски, Хари Котларовски и Јовче Воденичаровски.
Според уметничкиот директор, Владимир Дојчиновски-Дојчин, во тек е финализирање на композициите.
– Годинава се враќаат дел од ланските дебитанти, но и дел од победничките имиња, како што се Мина Блажев и Наташа Малинкова, но среќен сум затоа што на фестивалот се враќаат и поранешни победници и реномирани имиња од македонската естрада – вели Дојчиновски.
Во тек се и техничките подготовки за фестивалот.
Постојат неколку идејни решенија за изгледот на сцената, а во тек се и другите активности околу распишување тендерски постапки за организирање на фестивалот.
– Наградите се 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ и 1.000 евра за трето место, додека техничките награди се по 500 евра поединечно, за најдобар аранжман „Драган Ѓаконоски-Шпато“, најдобар дебитант, вокална интерпретација и сценски настап – напомена Кирил Панајотов, технички директор на „Макфест“.
Фестивалот финансиски го реализира општината Штип, а истиот тој е поддржан од Министерството за култура со еден милион денари.
За преносот и годинава е задолжена МРТ, а фестивалот ќе се одржи во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.