Во пресрет на денешното доаѓање на шефот на грчката дипломатија Коѕијас во Скопје и најавените средби со државниот врв, како резултат токму на раздвижената дипломатија меѓу Атина и Скопје, „Нова Македонија“ накратко во новинарски текст се обиде да ги сублимира и елаборира досегашните искажани ставови и позиции на двете страни, преку изјави на челниците, информациите во медиумите и меѓусебни преписки, кои во изминатиот период беа лиферувани како во грчката така и во македонската јавност
Медиумите во Македонија, но и во Грција деновиве беа преполни со информации за содржината на нацрт-спогодбите за надминување на наметнатиот спор за името, кои двете држави ги размениле меѓусебно во пресрет на денешната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на Република Македонија. Грција соопшти дека нивната нацрт-спогодба била испратена уште пред неколку дена на што веднаш возврати македонскиот премиер со изјавата дека и Македонија испратила своја спогодба со свои барања до Грција. Во меѓувреме, што официјално што неофицијално, можеа да се чујат и прочитаат различни тврдења и претпоставки за тоа што содржат овие документи, кои би требало да послужат како некаква појдовна основа на двете земји во насока на барање на решение на долгогодишниот спор.
Во желба да се биде ексклузивен и интересен медиумите, особено во Грција, наметнуваа атмосфера дека во изнесените предлози има новитети, но и претходно јасно искажани ставови и позиции. Во пресрет на денешното доаѓање на шефот на грчката дипломатија Коѕијас во Скопје и најавените средби со државниот врв, како резултат токму на раздвижената дипломатија меѓу Атина и Скопје, „Нова Македонија“ накратко во новинарски текст се обиде да ги сублимира и елаборира досегашните искажани ставови и позиции на двете страни, преку изјави на челниците, информациите во медиумите и меѓусебни преписки, кои во изминатиот период беа лиферувани како во тамошната така и во домашната јавност.
Како најсвежо од целиот „информативен колач“ околу наметнатиот спор за името завчера министерот Никола Димитров првпат на новинарско прашање без да навлегува во детали појасни што содржи македонската нацрт-спогодба, која деновиве била испратена до Грција.
– Денеска попладне, во Атина, претставник на МНР на РМ, го достави до грчката страна нацрт-договорот што изминатите денови интензивно беше подготвуван – тоа е македонскиот нацрт-договор. Истовремено сакам да потврдам дека во изминатите денови го добивме и грчкиот нацрт-договор. Со ова, комуникацијата, која досега главно се водеше низ устен дијалог сега влегува во фаза на пишани документи. Убедени сме дека ако целта е да се најде едно одржливо и достоинствено решение, да се најде една разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција, тогаш тоа е можно – изјави министерот Димитров. Во недостиг од детална информација што содржи македонската нацрт-спогодба, која е испратена до Грција, се обидовме да ги извлечеме клучните позиции искажани досега во однос на ова прашање од премиерот и од министерот за надворешни работи.
Јасно отсликани македонските позиции
За разлика од грчка страна, од каде што последниве месеци бевме „бомбардирани“ со барања, од кои некои слободно можат да се протолкуваат како неразумни, македонската страна преку изјавите на државниот врв полека ги откриваше своите црвени линии, но и отворени позиции за евентуално компромисно решение. Притоа како клучни наши тези може да се исфилтрираат следните точки: почитување на нормите и стандардите на ОН, почитување на меѓународното право и правните акти, кои го дефинираат правото на самоопределување на државите, идентитетските прашања не се предмет на преговори, Уставот на РМ е суверено право на македонските граѓани, тој е неменлив и не може да биде предмет на какви било надворешни барања или уцени, има простор за преговори за предлог со географска одредница, се работи за билатерален спор што треба да се реши на билатерален начин, урнек на меѓународен договор за спорот, кој би бил постигнат и потпишан единствено под покровителство на ООН. Ваквите наши ставови, кои се надеваме дека се вметнати и во македонската нацрт-спогодбата испратена до Грција, изминатиот период беа потврдени и преку изјавите што ги даваа премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров.
1. Македонија е подготвена да прифати име со географска одредница
Заев досега неколкупати повтори дека Македонија е подготвена да прифати име со географска одредница, а истото тоа го изјави и по неодамнешната средба со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер во Скопје.
2. Постои јасна дистинкција помеѓу државата Република Македонија и географската област во Грција именувана како Македонија
3. Македонија не прифаќа промена на Уставот и тоа не е предмет на дискусија
Во неколку интервјуа за странски медиуми, Заев испрати порака дека Македонија не е расположена за промена Уставот, едно од главните барања на грчката страна.
– Направивме ревизија на нашиот Устав во 1993 година поради чувствата на нашите пријатели Грците. Сакаа да бидат повеќе покриени, да се чувствуваат поудобно и така направивме и втора ревизија на нашиот Устав, за да преземеме мерки против иредентизам и што било друго слично. Сите чекори што ги направивме досега, се во насока на целосно отстранување на иредентизмот. Сигурно грчките граѓани знаат дека немаме територијални претензии или што било друго што е поврзано со тоа – рече Заев.
4. Македонија не преговара за идентитетски прашања
Во истото интервју за „Евроњуз“, Заев откри дека не постои разговор за идентитетот, односно за националноста, но постои параграф за државјанството.
5. Македонија не прифаќа ново име, кое нема да биде преведено
Во интервју за германски „Шпигел“, пак, Заев соопшти дека за македонската страна е неприфатливо евентуалното ново име да не биде преведено и да биде само на македонски или словенски јазик, како што бара грчката страна.
6. Почитување на нормите и стандардите на ОН како и на меѓународното право и меѓународните договори
Кои се грчките барања
Од друга страна, пак, министерот за надворешни работи на Грција, Коѕијас во интервју за првата програма на грчкото државно радио, на крајот од минатиот месец изјави дека грчката нацрт-спогодба е завршена и доставена до грчкото МНР, а според неговите претпоставки во март спогодбата ќе биде испратена во Скопје, пред неговата посета на земјава. Повеќе грчки медиуми синхронизирано деновиве ги објавија 7-те точки од нацрт-спогодбата, што Грција ѝ ја достави на Македонија, но и на посредникот Нимиц. Од информациите во грчките медиуми може извлечат следниве грчки барања, промена на нашето уставното име, широк спектар на употреба на новото име, промена на јазикот според новата додавка во името, смена во идентитетот според додавката од новото име, промена на македонските државни документи, промена на кратенките и акронимите, регулирање во трговските употреби на името Македонија.
Во согласност со ваквите искажани ставови се отсликуваат и позициите на грчката страна во нацрт-спогодбата, која Атина ја доставила до нашата земја и во која се бара:
1. Новото име ерга омнес за Македонија да биде непреведено и да биде за севкупна употреба (надворешна и внатрешна)
Атина претпочита новото име да биде на македонски или словенски јазик како што го нарекуваат Грците.
2. Евентуалното ново сложено име да биде слеано во еден збор
Се чини дека Атина претпочита новото и постојано име да е напишано на словенски, да биде непреведено, но и еден збор (на пр. Горнамакедонија или Новамакедонија), објави грчкиот весник „Та неа“.
3. Промена на македонскиот Устав
Грчката влада, но и премиерот Ципрас и министерот за надворешни работи на Грција, неколкупати досега повторија дека бараат и ревизија на македонскиот Устав.
5. Преговори и за јазикот и за идентитетот
Грчките медиуми тврдат дека се преговара и за јазикот и за идентитетот.
6. Евентуалното решение да се реализира во етапи
„Катимерини“ во своето вчерашно издание анализира дека и покрај тоа што Атина е против решение во етапи и на делови, сепак, за одредени точки може да има договор, но ќе биде потребно време да се завршат, а како пример ја споменува стандардизацијата ИСО 3166-1 за кратенките, кои директно влијаат и на трговските ознаки.
8. Промена на македонските државни документи.
Името, спектарот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите се седумте точки што ги содржи грчкиот предлог на нацрт-спогодбата, според весникот „Катимерини“.
„Катимерини“, анализирајќи ја спогодбата, споменува дека Македонија во скоро време ќе треба да ги смени сите државни лични документи како што се лични карти, пасоши и возачки дозволи.
Осуда на грчките уцени
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), речиси целата домашна јавност, но и претходно над 10.000 јавни личности, македонски интелектуалци, експерти од различни области од Македонија и светот, уметници, јавни личности и видни авторитети се потпишаа во отвореното писмо во кое од политичките лидери во двете земји побараа да се почитува меѓународното право во разговорите и во исто време изнесоа низа научни и историски факти, кои ја докажуваат големата неправда што ѝ се нанесува на Македонија. МАНУ, граѓански активисти и други истакнати граѓани од најразлични професии во земјава, но и надвор од неа во изминатиот период до политичките лидери во земјата упатија барање за заштита на нашето уставно име, идентитетот и јазикот на државата. Тие исто така бараат од Грција и од меѓународната заедница да го почитува меѓународното право, да се почитува и примени пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој пресуди дека Грција неправедно ја блокира нашата држава во НАТО. Исто така интелектуалците во Македонија и во Грција, но и во целиот свет јасно порачаа дека мора да се почитува правото на самоопределување на една земја и правото државата и граѓаните сами да изберат име. Токму тоа право на самоопределување е составен дел од меѓународната правна норма јус когенс, која по сила на правно дејство е на највисоко ниво и над сите други акти. Со други зборови, тоа значи дека според меѓународното право никој не може да го промени уставното име на Република Македонија.