Поетесата Наташа Сарџоска, заедно со гитаристот и композитор Георги Шарески, кој живее и работи во Берлин, настапија на 19-от Меѓународен поетски фестивал во Берлин во Академијата за уметности на Германија. Нивниот настап беше осмислен по принципот на импровизација на мелодии и стихови. И покрај тоа што Сарџоска настапуваше на македонски јазик, тие ја понесоа публиката со нивниот поетско-музички-сценски-визуелен перформанс во кој поезијата на Сарџоска се инспирираше и дополнуваше од акордите и од ритамот на музиката на Шарески. На крајот на својот перформанс, Сарџоска и изведе краток танц проследен со визуелни ефекти и авторска музика на Шарески.

На истата поетска вечер во рамките на фестивалот, под наслов „Студио Европа“, свои стихови читаа и поетесите Бронка Новицка од Полска, Натали Ронво од Луксембург и Сандеп Пармар од Велика Британија. Наташа имаше можност и да ја сними својата поезија на македонски јазик во рамките на меѓународниот проект „Лириклајн“ на „Хаус фур поези“, на која се присутни многубројни поети и јазици низ светот меѓу кои и врвни македонски поети. Нејзините стихови беа за овој повод и препеани на германски јазик. Годинава, ова е нејзин втор меѓународен настап, по поетската визита во Македонскиот културен центар во Софија во организација на книгоиздавателството „Макавеј“, а поддржано од Министерството за култура на Македонија.


Трибина „Театарската критика денес“

Во Прилеп во домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи јавна трибина на темата „Театарската критика денес“, во организација на Младинскиот културен центар – Скопје и македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Модераторка на трибината ќе биде Ана Стојаноска, театролог и професорка на Факултетот за драмски уметности. На трибината ќе учествуваат претставници од театарската сцена: Кристина Леловац, Милош Андоновски, Сотир Трајковски, Иван Јерчиќ, Маја Стевановиќ и Сашо Димоски. Трибината се одржува како дел од проектот на МКЦ за филмска и театарска критика – Гледај.мк.
Трибината ќе почне денеска во 12 часот, а се организира како резултат од потребата за ревитализација на полето на критиката во Македонија, а со цел зголемување на интересот на јавноста за критичко гледање и толкување на современите изведбени уметности.