Со доаѓањето на есента, не минувате многу време размислувајќи за градината, иако во суштина би требало. Пониските температури и дождовите ја прават есента идеално време за подготовка на тревникот за идната пролет.
Многумина сметаат дека тревникот бара значително помала грижа и внимание за време на есента, затоа што тревата расте побавно, но тоа не е точно. За време на овој период од годината тревата апсорбира енергија, влага и хранливи материи, кои ќе ѝ бидат од огромна помош за време на долгата и студена зима. Грижете се за тревникот сега, за да бидете наградени со раскошно зеленило напролет.
Продолжете и понатаму да го наводнувате, доколку нема обилни дождови, и редовно косете ја тревата и за време на есента. Полека, како што изминува сезоната за косење, менувајте ја висината на ножот. За последните две косења, ножот поставете го на најниската позиција, така ќе се овозможи продирање на сончевите зраци до коренот на тревата и ќе се спречи појавата на онаа непривлечна кафена боја на тревата. Меѓутоа, не заборавајте го правилото да не косите повеќе од една третина од висината на тревата. Доколку е потребно, постепено намалувајте ја висината до последните две косења.
Есента е идеален период за аерација на тревникот, за да може кислородот, водата и другите хранливи материи да стигнат до тревните коренчиња.
Не чекајте да испаднат сите лисја од дрвјата, па потоа да почнете со собирање. Доколку сѐ повеќе одложувате, лисјата ќе се наводенат, ќе се залепат едни со други и ќе почнат да скапуваат, задушувајќи ја тревата, а може лесно да станат и извор на различни габични болести.
Доколку низ тревникот имате посадено едногодишни цветни растенија, најдобро е тие да бидат отстранети за да им се овозможи на тревата и на другите повеќегодишни растенија доволно простор да дишат и опстојат.
Повеќето експерти се согласни дека најдобар период за ѓубрење на тревникот е наесен. Причина? Со опаѓањето на температурата се забавува растот на тревата, но тревните корења и понатаму растат забрзано. Со прихранувањето се овозможува сите хранливи материи да допрат до длабоките тревни корења и на тој начин истите тие да бидат складирани за здрав старт следната сезона.
Доколку сакате повторно да се радувате на сите мали волшепства на вашата градина, дефинитивно треба да вложите труд и напори за да ги заштитите тревникот и растенијата од студеното време што следува.