Клучните институции на ЕУ минуваат низ промени на раководните позиции додека се мачат со познати внатрешни и надворешни предизвици. Сепак, во момент кога ЕУ очајно треба да развие капацитети за да дејствува ефикасно, европарламентот се чини дека повеќе се ангажира за политички расправања
Ана Паласио
Во моменти на политичка транзиција, првите сигнали ја прават целата разлика, затоа што тие го поставуваат темпото на процесот што следува. Додека новите водачи ги преземаат позициите во клучните институции на ЕУ, првите знаци не ветуваат многу, особено не оние што доаѓаат од Европскиот парламент.
ЕУ го поминува овој процес на сукцесија, додека е опкружена со познати внатрешни и надворешни предизвици – разни демографски, социјални и економски притисоци. Европа е геополитичка шаховска табла на која играат глобалните сили, но не е геополитички играч. Сепак, во време кога ЕУ има очајна потреба од капацитети за да може да дејствува ефикасно и има голема потреба од реална но прогресивна визија, се чини дека таа едноставно се впушта во нови политички пазари и расправања.
Европскиот парламент е центарот на таквите случувања. Тоа е пораката од процесот на потврда на новата претседателка на Европската комисија – процес што почна на почетокот од јули, кога Европскиот совет ја номинира Урсула фон дер Лејен на челната позиција на европското извршно тело. Фон дер Лејен беше компромисна кандидатка меѓу земјите-членки на ЕУ, прифатлива и за најмоќните земји и за традиционалните бунтовници. Таа има многу силни страни, особено во однос на длабокото разбирање на европските пристапи за одбрана и за безбедност, тема што ќе биде на врвот од агендата во наредниот период во ЕУ. Таа, исто така, ја докажа својата способност да плови во опасни политички води.
Но за Европскиот парламент, номинацијата на Фон дер Лејен беше непожелна зашто нејзиното име не беше на потесниот список на кандидати што беа објавени претходно. Според таканаречениот систем на водечки кандидат во Европскиот парламент, Европскиот совет треба да го номинира „главниот кандидат“ од политичката група што освоила најмногу места на европските избори. Овој процес беше подготвен од евробирократите во Брисел пред изборите во 2014 година, како обид да му се даде поголемо влијание на Европскиот парламент отколку што пропишуваат самите договори на ЕУ. Кога Советот го занемари необврзувачкиот систем, членовите на Парламентот, кои мора да го одобрат претседателот на комисијата со апсолутно мнозинство, го изразија својот бес. Парламентот се закани дека ќе ја блокира номинацијата, а кандидатурата на Фон дер Лејен стана заложник на систем што повеќе не одговара на реалноста. Кога се развиваше системот на водечки кандидат и на овластувањата за потврда од Европскиот парламент, во Парламентот доминираа две политички групи: Европската народна партија и социјалистите и демократите. Денес тие две групи заедно немаат мнозинство. Наместо тоа, пет групи имаат барем по десет отсто од местата, а ниту една група нема повеќе од 24 отсто од местата. Во неделата пред парламентарното гласање политичките групи успеаја да издејствуваат отстапки. Либералите што се спротивставија на кандидатурата добија ветување од Фон дер Лејен дека нивната водечка кандидатка, Маргарет Вестагер, ќе биде поставена за нов потпретседател на комисијата, заедно со досегашниот потпретседател на комисијата и уште еден водечки кандидат, Франс Тимерманс. Слично, упорните социјалисти добија ветување од Фон дер Лејен дека ќе предложи легислатива за воспоставување фер минимална плата во сите земји на ЕУ. Но дури и со овие компромиси, Фон дер Лејен мораше да склучува зделки со италијанското евроскептично движење „Пет ѕвезди“ и со брегзитерите од Обединетото Кралство.
Уште повеќе, Фон дер Лејен се заложи за поддршка на иницијативи што ќе ја зајакнат моќта на Европскиот парламент, вклучувајќи го и системот на водечки кандидат. Таа вети дека ќе им помогне на европратениците да го обезбедат правото, сега резервирано за комисијата, да предлагаат закони. Ова право е камен-темелник на актуелната институционална рамнотежа на моќ во ЕУ. Со сето тоа, Фон дер Лејен обезбеди тесно мнозинство во Европскиот парламент.
Нејзиниот прв говор пред европратениците беше исполнет со лични референци и со убави зборови за Европа. Таа не укажуваше дека е свесна за веројатните последици од своите ветувања, односно дека тие ќе ја направат ЕУ уште понеефикасна.
Сепак, Европскиот парламент и понатаму е незадоволен. Иако е фрагментиран, парламентот покажува единство додека продолжува да бара поголеми овластувања и тоа во време кога националните престолнини го диктираат одлучувањето на ниво на ЕУ. Во изминатите години стана исклучително јасно дека дури и наводно привлечните иницијативи од областа на енергетиката и банкарството, не можат да поминат без дозвола од земјите-членки на ЕУ. Европскиот парламент ги доби сегашните овластувања, постепено изборувајќи се за релевантност во договорите на ЕУ. Тој беше неверојатно успешен во подвигот и од парламентарно собрание, што повеќе служеше како некаква фасада, стана вистинско легислативно тело со реално влијание.
Но сега, кога стигна до оваа фаза, парламентот мора да зачекори уште подалеку и од зголемување на овластувањата да премине на демонстрирање вистинско лидерство.
Зголемувањето на надлежностите на Европскиот парламент за сметка на Европскиот совет и особено на Европската комисија, само ќе го ослаби капацитетот на ЕУ за развивање и за носење одлуки, истовремено менувајќи ја кревката и фундаментална институционална рамнотежа на моќ. Тоа само ќе ги разгори честите меѓусебни обвинувања во Европа, при што националните влади ќе ги критикуваат погрешните политики на ниво на ЕУ, а телата на ЕУ ќе се жалат за слабата имплементација во поединечните членки. Јазот помеѓу очекувањата и перформансите ќе обезбеди дополнителна поддршка на тврдењата дека ЕУ е неефикасна и тромава бирократија.
Европскиот парламент денес е зрела институција. Тој треба да ја демонстрира својата зрелост не со залагање за уште поголеми надлежности туку со обезбедување визија и насоки за ЕУ, кои толку ѝ се потребни сега. На Европа ѝ се потребни лидери. Европскиот парламент може да биде таков лидер, но доброто лидерство бара скромност, жртва и, пред сѐ, подготвеност да се жртвуваат сопствените интереси за европските.
Авторката е бивша министерка за надворешни работи на Шпанија