Со дуелот меѓу Вардар јуниор и Радовиш започна 27-та сезона во домашната Суперлига, во кој победата и трите бода ги освоија младите ракометари на Вардар, во меч со 79 постигнати гола, славеа со 41-38 (21-21) над искусниот состав на Радовиш. Дејан Кукуловски со 11 гола беше најефикасен во победничкиот состав, додека кај Радовиш Ивица Илиев беше стрелец на 15 гола, од кои осум од линијата за седум метри.
Успешен почеток на новата сезона имаа и двајцата новајлии во Суперлигата, Струга и Бутел. Стружани славеа на гостувањето кај Борец во Велес, со 29-24 (15-9), а најефикасен во првата победа на Струга беше Цветан Кузмановски, со 13 гола. Многу полесна задача имаше тимот на Игор Котевски, кој во дуелот со Прилеп славеше со убедливи 31-18 (20-5).
Во другите два дуела, Пролет беше домаќин на Охрид, додека, пак, дербито меѓу Пелистер и Еурофарм поради технички зафати во салата „Боро Чурлевски“ е одложено за вторник ( 18.30 ч.).
Девојките викендов го играа 2-то коло од женската Суперлига, а фаворитите и во ова коло ја оправдаа својата улога. Куманово славеше на гостувањето кај Гевгелија со 30-21, вардарки го декласираа тимот на Овче Поле со 42-6, додека Металург беше убедлив против Деспина, со 31-18. На прва победа сезонава се израдува и дебитантот ЦЕМС, кој против Спартак славеше со 28-19. Вчера попладне Стружанка го пречека тимот на Пелистер.