Шестото издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, отворено викендов, завршува вечерва во „Даутпашиниот амам“ каде што писателите ќе читаат извадоци од своите дела
Во присуство на амбасадори, писатели, издавачи, преведувачи, уметници, љубители на пишаниот збор, во „Даутпашиниот амам“ свечено е отворено 6-то издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Петмина актуелни писатели од исто толку земји од Балканот деновиве ѝ беа претставени на публиката. Добитникот на наградата за авторски придонес во балканската литература „Прозарт“, српската легенда Светислав Басара, не беше во нивно друштво затоа што од здравствени причини не можеше да допатува во Скопје. За делата на Басара, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија, говореа македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.
Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој говореше за култната книга на Басара, „Фама за велосипедистите“, каде што еден од неговите ликови станува крал и Басара објаснува дека сакал да стане крал, за да ја избегне просечноста.
– Но, ликот и покрај тоа останал просечен. И токму тука го наоѓам оправдувањето меѓу другото, за постоењето на овој фестивал и за постоењето на нашите драги гости, бидејќи кој друг ќе се бори против просечноста. Дон Кихот отсекогаш бил потребен, а во ова обездушено време, повеќе од кога било – рече Трајкоски.
Претставувајќи го Худолин како писател, прозаист, сценарист, колумнист и новинар, Лафазановски рече дека во Македонија на македонски јазик има објавено три книги, а се задржа на „Разузданост“ и „Посинок“, во превод на Игор Исаковски. На прашањето дали денес може да се живее од книжевност, тој одговори дека не пишува романи за хонорар веќе 15 години.
– Платата е мала, но доволна за да преживеам. Иако пишувам романи за политика – се пошегува Худолин и порача дела хуморот е спас за целиот свет.
Јанковски говореше за хрватскиот писател Перишиќ, кој пишува и книжевни критики и коментари. На македонски јазик се објавени два негови романи, „Нашиот човек на теренот“ и „Подрачје без сигнал“.
– Перишиќ е автор што прави необични, често гротескни споеви меѓу локалното и глобалното, со нишка што е општествено и критички настроена – рече Јанковски.
На неговото прашање дали смета дека литературата денес мора да биде критичка и колку е голема нејзината субверзивна моќ, Перишиќ одговори дека кога кажуваме за нешто дали треба или не, дали книжeвноста треба да е критична или кој било да биде ваков или онаков, тоа е една позиција однадвор.
– Работите си доаѓаат сами по себе, јас не пишувам затоа што мислам дека така треба, туку така излегува. Ако човечките приказни се тужба за општеството, тогаш излегува дека се критички. Мене ме интересираат приказни што ме повлекуваат затоа што во нив има однос што е мој. Верувам дека книгите треба да имаат влијание на читателите и малку да ги променат нештата – рече Перишиќ.
Фросина Пармаковска е, како што рече Прокопиев, една од најдобрите писатели од младата генерација. Таа вели дека од мала знаела дека ќе биде писателка. Почнала со песни, па по завршувањето на факултетот напишала раскази од десетина страници, па подолги раскази, па новела.
– Откако ја напишав „Вишновата хроника“, имав чувство дека се чувствувам удобно во таа форма, во таа земја и сега засега ќе останам тука – рече Пармаковска и откри дека веќе има идеја за новиот роман и набрзо ќе почне со пишување.
Претставувајќи ја босанската писателка Каламујиќ, Јанковски рече дека за нејзиното творештво е карактеристично тоа што прави комбинација од личното искуство во општествен контекст и женските автори низ историјата.
– Пред сама да се одредам, ме одредија како некоја што пишува квир-литература или феминистичка книжевност. Никогаш нема да се одречам ниту од еден свој идентитет, па ниту во уметноста. Ќе ме одредуваат како што ќе ме одредуваат. Мојот интимен однос спрема книжевноста е дека целиот свет е отворен простор и има уште многу за кажување – рече Каламујиќ.
Турската писателка Ајфер Тунч е најпозната по романите „Дволична сексуалност“, „Девојката од насловната страна“, „Ноќ на зелената вила“, а во 2003 година ја доби престижната меѓународна награда „Балканика“. Лафазановски ја праша Тунч каков е нејзиниот став за традицијата на мажите и модерноста на жената.
– Во Турција имаме многу писатели што пишуваат за авантурата на модерната жена, која се обидува да се интегрира во општествениот живот, додека јас сум во потрага по трагедијата, по животите што останале под сенка. Се обидувам да ги најдам приказните за жените што сакаат да си го променат животот- рече писателката.
Прокопиев за крај на вечерта, сподели анегдота од познанството со Басара, за кого рече дека е навистина среќен што ја добива наградата „Прозарт“.
– Пред 4-5 години, присуствував на една средба за време на саемот во Белград, меѓу Басара и Миљенко Јерговиќ, исто така наш добитник на „Прозарт“. Басара му рече: „Ајде да напишеме заедничка книга“. За една година излезе една прекрасна книга, што е книга на кореспонденција, која не е ставена во никакви политички канони, туку е во каноните на слободната индивидуална супериорност. Ете тој супериорен автор вечерва на сите ни недостига – рече Прокопиев.
Гости на отворањето беа и тројцата члена на програмата „Скопје фелоушип“: Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ од САД, Јанике Ритер, уредничка на „Зуркамп“ од Германија и Назлиџан Кабаташ од „Калем“ од Турција. Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ продолжи вчера во ЕУ-инфоцентарот со тркалезна маса „Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“ и учество на гостите писатели и членовите на програмата „Скопје фелоушип“.
Шестото издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, отворено викендов, завршува вечерва во „Даутпашиниот амам“ каде што писателите ќе читаат извадоци од своите дела. „ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година е во организација на издавачката куќа „Икона“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, „Традуки“, Делегацијата на ЕУ, амбасадите на Словенија и на Хрватска и од Словенечката агенција за книга.