„Граѓаните“ ја заверија шампионската круна во англиската Премиер-лига по изненадувачкиот пораз на градскиот ривал Манчестер јунајтед, дома, од практично веќе испаднатиот ВБА, со 0-1
Манчестер сити е новиот шампион на Англија, третпат последниве седум сезони (2012, 2014 и 2018-та), вкупно пет пати (уште и во 1937 и 1968 година) во клупската историја долга 138 години. Сити се израмни со Манчестер јунајтед од сезоните 1907/1908 и 2000/2001 и со Евертон, во 1984/85, кои ѝ се радуваа на титулата на пет кола пред крајот на шампионатот. Сити со третата титула се израмни со Арсенал, а поуспешни во Премиер-лигата (од 1993 година) се само Манчестер јунајтед со 13 и Челси со пет титули. „Граѓаните“ ја заверија титулата по изненадувачкиот пораз на градскиот ривал Манчестер јунајтед, дома, од практично веќе испаднатиот ВБА, 0-1.
Титулата на Сити е повеќе од заслужена за што сведочат и бројките – 87 бода, 28 победи (колку и во целата шампионска 2011/2012 сезона), три ремија и само два пораза, со гол-разлика 93-25. Пеп Гвардиола, менаџерот на Сити, по триумфот над Тотенхем во саботата на Вембли (3-1) изјави дека нема да го гледа мечот Манчестер јунајтед – ВБА, бидејќи ќе одел да игра голф. Тој е првиот Шпанец што освојува титула во Премиер-лигата, седма за него во последните девет сезони, вкупно 24-та во кариерата. Претходно тој беше првак во Шпанија (и двапати европски) со Барселона и првак во Германија, со Баерн. Сити сезонава постави и неколку рекорди. Забележа 18 победи во низа и забележа најмалку по една победа над сите премиерлигашки ривали. На гости прокнижи 14 победи, само една помалку од рекордните 15 на Челси од сезонава 2004/2005.
На мечот против Евертон (3-1) „граѓаните“ имаа рекорден посед на топката од 82,13 отсто, а на мечот против Челси (1-0) ја минаа бројката од 900 додавања што, исто така, е рекорд во Лигата. Сити не успеа да стане најраниот шампион (временски) по поразот во градското дерби од Манчестер јунајтед (2-3) дома, пред своите навивачи. Но играта на случајот посака Јунајтед да загуби од ВБА и новиот шампион да биде крунисан токму на „Олд Трафорд“, петти пат, што е рекорд.
Заслугите одат кај Гвардиола, Едерсон, Де Брујне, Агуеро…
Надвор од бројките и статистичките показатели, како најзаслужни за освојување на титулата се смета Пеп Гвардиола, кој го создаде тимот што ги освои сите со офанзивната и ефикасна игра и што го сместуваат во графата „еден од најдобрите тимови во историјата на Премиер-лигата“. Од играчите најдобри меѓу најдобрите се петтемина што го понесоа најголемиот товар и дадоа најголем придонес за големиот успех. Едерсон на голот се покажа како одлична замена за Џо Харт и за Клаудио Браво и ги оправда вложените пари (околу 50 милиони евра) и довербата на Гвардиола. Кевин де Брујне царуваше на средината на теренот, во центарот на случувањата. Тој е првиот асистент во Лигата (15) и е фаворит за освојување на признанието играч на сезоната (најголем конкурент му е Мохамед Салах од Ливерпул) во изборот на колегите професионални фудбалери. Кога го нема Де Брујне, тука е Давид Силва на средината на теренот, вториот „природен“ плејмејкер во тимот на Гвардиола, од кого почнува речиси сѐ креативно и завршува со асистенција или со гол. Слична комбинација Гвардиола имаше во Андрес Инисета и во Чави од 2008 до 2012 во Барселона, коментираат стручњаците. Рахим Стерлинг, англискиот репрезентативец, играше променливо по трансферот од Ливерпул во првите две сезони, но по доаѓањето на Гвардиола како да се прероди. Сезонава тој е вториот најдобар стрелец на Сити (17 гола, плус осум асистенции), а некои од неговите голови беа и решавачки. Откако богатите газди го презедоа Сити пред десетина години, во клубот се сменија многу работи, од менаџери до играчи, но една од незаменливите работи беше Серхио Агуеро, кој дојде во Сити во 2011-та. Сезонава тој веќе постигна 21 гол (плус шест асистенции), а во меѓувреме стана најефикасниот играч во историјата на Сити (178 гола).