Оваа година републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки“ го одбележува својот јубилеј – 15 години постоење. Врвни македонски писатели, наставници, ученици се дел од оваа успешна приказна и секоја година во април се одржуваат средбите на младите литерати.

– Нивната љубов кон мајчиниот јазик е поттик и голема радост како за членовите на фестивалскиот одбор така и за наставниците-ментори. Тие заедно ги следат и насочуваат детските мисли, желби и мечти кои се преточуваат во нивните стихови и прозни творби на сите јазици на кои се зборува во нашата земја – македонски, албански, турски, ромски, српски, влашки, со една заедничка цел, да ја покажат љубовта кон пишаниот збор – велат организаторите.

Годинава децата пишуваа на тема: „Хуманоста, слогата и знаењето се клуч за успех“, а жирито имаше тешка задача од убавите пристигнати творби, околу стотина, да ги избере најдобрите.

На годинашните „Ракатки“ ќе им бидат доделени наградите на најдобрите чии творби се отпечатени во алманах и истите ќе бидат прочитани на манифестацијата, а ќе добијат и дипломи и други подароци.

Свеченото отворање е во петок, во 18 часот, а дел од фестивалот ќе бидат и млади музичари и, се разбира, писателите за деца.

Утредента, сабота, 13 април, децата-учесници со своите ментори ќе ги разгледаат знаменитостите на Скопје, а на Кале ќе има и пикник за учесниците, кои полни со впечатоци, организирано, ќе ја напуштат метрополата во 16 часот.


Хуманоста, слогата и знаењето се клуч за успех

Постојат луѓе различни,
едни богати, други бедни,
некои мрзеливи, а некои вредни.

Прегрни го ближниот,
дај му вода на жедниот,
нахрани го гладниот,
помогни му на страдниот.

Секој бара љубов,
секој сака живот убав,
да живее во слога и мир,
да почувствува нежен допир.

Помогни му со добрина на човек,
тоа е најдобриот лек,
тивко подарувај од душа
тоа надалеку се слуша.

Изгради слога околу себе,
збогатувај го знаењето во тебе,
клучот на успехот е твој,
едноставна формула за секој.

Знаење, хуманост и слога
споделувај ден и ноќ!
Тоа е успех,
тоа е моќ!

Трајче Милков, 7-б одделение, ООУ „Д. А. Габерот“ – Кавадарци
Од книгата „Детски литературен фестивал Ракатки 2019“