Со гала-концерт што вечерва ќе се одржи во големата сала од Центарот за култура во Кичево, КУД „Бисер“ ќе ја одбележи петнаесетгодишнината од своето постоење.
На вечерашниот завршен концерт, насловен „Ечи песно, виј се оро, од чаршија до сретсело“, најпрво ќе бидат презентирани староградски песни и ора, придружувани од чалгиски оркестар, додека во вториот дел ќе бидат изведени игрите „Лазаренки“, „Посеље“, „Пијанец“, „Копачија“, како и песни и ора во изведба на вокалната група и оркестарот.
– КУД „Бисер“ од Кичево 15 години со голем успех ги реализира своите поставени цели и задачи и го развива културниот аматеризам. Истражуваме, собираме, обработуваме, презентираме и го афирмираме богатото фолклорно наследство, како во општината и земјава, така и надвор од земјава. Нашиот ансамбл стана вистински репрезент на македонскиот фолклор и посакуван и препознатлив не само во земјава туку и во странство – вели Младен Ванчоски, претседател на КУД „Бисер“.
Ова културно-уметничко друштво во изминатите 15 години гостувало во дваесетина земји на два континента и е добитник на голем број награди и признанија.
– Од формирањето на нашето друштво до денес низ него продефилирале над 750 члена, како дел од игроорниот, пејачкиот и инструменталниот состав. Од признанијата во странство ги издвојуваме неколкуте награди, на светски познатиот фолклорен фестивал во Закопане, Полска, потоа во Албена, Бугарија, Белград, Хрватска, Пријепоље и во Измир,Турција. Во земјава друштвото беше наградувано со повеќе награди во Битола, Долнени и во Свети Николе и на многу други места каде што настапувало – додаде претседателот Ванчоски.Тој најави дека заслужни членови на друштвото вечерва ќе добијат признанија и награди за долгогодишното учество во КУД „Бисер“.