Наградени ученички на конкурсот

На литературниот конкурс што традиционално секоја година во средината на јуни го организира центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево, кој десетти пат се организира годинава, пристигнаа вкупно 74 творби, песни, раскази и есеи, со единствен наслов „Посакувам“, а се однесува за ученици од основните училишта од општината.
Во исклучително силна конкуренција, за најуспешна творба беше прогласена песната на Бурхан Јаоски, ученик од петто одделение од училиштето „Јонуз Емре“ од селото Челопеци. Неговата песна „Посакувам да те видам“, посветена на неговата баба, ги освои симпатиите на жири-комисијата. Втората награда рамноправно ја поделија Јована Настеска од ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, ученичка од осмо одделение, Кристина Трајкоска од ОУ „К.Ј.Питу“, ученичка од шесто одделение, Сара Костадиноска од ОУ „Санде Штерјоски“ исто така шестоодделенка, Елена Крстеска од ОУ „К.Ј.Питу“ и Анастасија Кузманоска од ОУ „Христо Узунов“ – селото Другово.

Третата награда рамноправно ја поделија Стефана Стефаноска од ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, Дијана Настеска осмоодделенка од истото училиште и трите ученички од ОУ „К.Ј.Питу“ Маја Здравеска,Ангела Димитријоска и Евгенија Митреска.
За освоените прво, второ и трето место учениците беа наградени со по една книга,благодарница и една тетратка – информира Елена Попоска-Петреска. Сите учесници на конкурсот добија благодарници за учество. 


Посакувам да те видам

Животот е студен, мрачен и гладен
За некого фер, за некого страден.
Посакувам да си тука, до мене ти
Да ме гушнеш и кажеш
„Внуче мое остани“

Ниту една солза не може да те врати
И никој не може да сфати
Колку сакам да те видам
И со тебе бабо да бидам.

Сѐ би сторил да те видам
Еднаш да те гушнам
И уште една твоја приказна да слушнам.

Посакувам бабо да ти кажам нешто
Слушни го сега зборот мој
Засекогаш ќе те сака
внукот твој.

Бурхан Јаоски