Во неделното интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, вели дека, за разлика од ситуацијата пред самитот во Букурешт во 2008 година, Македонија сега е поблиску до Алијансата. – Јас мислам дека сме поблиску. Јас сум еден од тие славни учесници на тој неславен самит во 2008-та и приближно ја знам атмосферата што владееше и внатре во македонската делегација и од аспект на човек што тогаш беше вработен во кабинетот на претседателот на Македонија и беше блиску до главниот спор, кој и тогаш и сега нè носи или нè оддалечува од Алијансата.
Мислам дека и внатре атмосферата е поинаква и, надворешно земено, клучните фактори имаат поголеми очекувања од тоа дека може да се изроди нешто позитивно од преговарачкиот процес – изјави Пендаровски за РСЕ. Запрашан за алтернативните планови на Македонија доколку не се реши спорот за името, Пендароски вели дека НАТО не е единствена, но е најдобра алтернатива за развој на Република Македонија. – Секоја одговорна политика мора да има и алтернативни планови. И со оглед на тоа дека станува збор за стратегиска цел што е дефинирана не само од ова сега владејачко мнозинство, туку практично од сите релевантни партии наназад 25 години, од сите нив е дефинирана како стратегиска цел, едната е нели НАТО, другата е ЕУ. Значи, алтернативата е да се продолжи да се преговара. Ние преговараме од 1993 година, значи четврт век. Да беше едноставно прашањето, ќе беше решено уште многу одамна – вели Пендароски.