Во реприза на ланското финале, вечерва во Струмица (стадион „Младост“ 20 ч.) играат Пелистер и Шкендија
Во 26-то финале на фудбалскиот Kуп на Македонија, во репризата на ланското финале, вечерва во Струмица (стадион „Младост“, 20 часот), играат битолски Пелистер и тетовска Шкендија. Минатата година Пелистер стигна до вториот Kуп-трофеј (2001 и 2017), по подоброто изведување на пеналите, 4-3, откако по 120 минути игра мечот заврши без голови. Шкендија, која беше победник на купот во 2016-та, има шанса да се закити со двојна круна годинава, бидејќи е новиот првак на Македонија.
Атмосферата во редовите на Пелистер пред вечерашниот меч е депресивна. Испаѓањето од Првата лига тешко ги погоди „пелистерци“, кои во Струмица отпатуваа без големи надежи и некаков оптимизам дека ќе успеат вторпат да ја победат Шкендија и да го задржат пехарот.
– Да бидеме начисто. По испаѓањето од Првата лига атмосферата во Пелистер е најблаго речено, очајна. Играчите се целосно, не само психички, туку и физички паднати по играњето нонстоп, среда – недела. Имам впечаток дека сите како едвај да чекаат да се одигра овој натпревар и да стават крај на оваа за нас неуспешна сезона, која сите ние, се разбира и љубителите на фудбалот во Битола ќе сакаат што побрзо да ја заборават. Но тоа не значи дека во Струмица одиме со бело знаме. Напротив, во куп-натпреварите може да одлучат некои ситници, ние ќе настојуваме да ја искористиме и најмалата шанса доколку ни се укаже. Шкендија беше фаворит и минатата година, но ние го освоивме купот.
Ние не се предаваме предвреме и ќе настојуваме да го сочуваме пехарот. Сепак не треба да се заборави дека Шкендија моментално е поквалитетен тим од Пелистер, а тоа го покажаа во првенството совладувајќи нѐ убедливо, во Битола со 6-0, а во Тетово со 4-0 – вели тренерот на Пелистер, Неџат Хусеин.
Пелистер ќе игра со речиси закрпен тим, бидејќи повеќето фудбалери се жалат на повреди и на премореност, а ќе ја немаат ни поддршката од „чкембарите“, кои подолго време не ги следат натпреварите на Пелистер.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со Националната спортска федерација на глуви на Македонија првпат ќе обезбеди директен пренос од фудбалски натпревар на знаковен јазик наменет за заедницата на глувонеми, кои ќе го следат натпреварот во живо. М.М.