Загреб – Хрватска се вклучува во глобалната борба против загадувањето и од идната година ќе воведе целосна забрана за користење еднократни пластични производи, а од рафтовите на продавниците ќе бидат отстранети: чепкалките за уши, сламките за сокови, пластичниот прибор за јадење, пластичните чинии, стапчињата за мешање напивки, држачите за балони, садовите за храна, чашите од стиропор, како и оксоразградливата пластика, која подоцна се распаѓа во микропластика. (24 часа)

Атина – Синдикати, федерации и здруженија на работници од Грција за денеска закажаа генерален 24-часовен штрајк, кој ќе ја парализира земјата, како одговор на планот на Владата во парламентот да донесе закон што содржи измени во Законот за синдикатите, за колективните договори и здравственото осигурување и паралелно бараат покачување на платите и на пензиите, постојани вработувања и запирање на приватизациите.

Приедор – „Торини“ е првиот мопед произведен во Босна и Херцеговина, кој достигнува до 45 км/ч, а ова превозно средство, кое има необичен дизајн и се движи на бензин и електричен погон, го изработуваат жени. (Дневник.ба)

Тирана/Драч – По земјотресот што во саботата ја погоди Албанија, регистрирани се повеќе од 340 дополнителни потреси, во кои се повредени 105 лица, а оштетени се 600 куќи и згради, поголемиот дел изградени пред 1990 година. (Ал Џезира)

Бања Лука – Припадниците на полицискиот тим во истрагата за убиството на Давид Драгичевиќ идентификувале осум свои колеги што се одговорни за грабнувањето, бруталното мачење и за убиството на момчето, а на овие лица треба да се додадат и нарачателите на ова грозоморно дело, кои се од врвот на Министерството за внатрешни работи во република Српска. (Ослобоѓење)


Бисер балкански

Maж или момче

– Беше премиерката или нејзиниот маж или момче, или не знам што е. Немам ништо против тие луѓе. Едноставно сум против демонстрација на нешто што треба да се работи во четири ѕида – Драган Марковиќ-Палма, лидер на Единствена Србија, во коментар на ТВ Пинк за појавувањето на премиерката на Србија Ана Брнабиќ и нејзината партнерка Милица Ѓуриѓ, на Парадата на гордоста во Белград.