Загреб – Хрватска ја надмина бројката од десет илјади смртни случаи како последица од коронавирусот од почетокот на пандемијата. Во последните 24 часа починаа 64 лица, со што вкупниот број на починати се искачи на 10.050.
Земјата вчера воведе задолжителни потврди за ковид за влез во државни институции, но не и за угостителски објекти. Ова предизвика протести кај дел од вработените во јавните институции во Хрватска, кои одбиваат да се вакцинираат против коронавирусот. („Јутарњи лист“)

Приштина – Италијанската полиција при рација во Милано ја уапси 19-годишната Блеона Тафалари од Косово под обвинение за тероризам. Девојката, која веќе е префрлена во затвор, била радикализирана на 16 години и била поддржувачка на Исламската држава. Таа пред неколку месеци се преселила во Милано во куќата на нејзиниот брат.
Истрагата е поведена по разузнавачки извештај за нејзиниот сопруг, 21-годишен маж од Косово, кој го познавал напаѓачот од Виена, Кујтим Фејзулај. („Коха.нет“)

Софија – Левоцентристичката коалиција Промените продолжуваат, за која гласале 25,67 отсто од граѓаните, е победник на предвремените парламентарни избори, покажуваат конечните резултати на Централната изборна комисија. ГЕРБ е втора со 22,74 отсто, а ДПС доби 13,00 отсто, додека БСП останува четврта со 10,21 отсто од гласовите. Има таков народ е на петтото место со 9,52 отсто од гласовите. Демократска Бугарија освои 6,37 отсто и Преродба 4,86 отсто од гласовите. („24 часа“)


Бисер балкански

Забуна со руската тробојка

На натпреварот меѓу Босна и Херцеговина и Украина во Зеница беше спречен инцидент меѓу навивачите на двете репрезентации, поради недоразбирањето околу користењето на руското знаме. Организаторите на натпреварот донеле погрешна одлука, кога на иста трибина ги ставиле украинските навивачи и членовите на домашната навивачка група „БХ фанатикоси“. Во еден момент Украинците извадиле руско знаме и го свртеле обратно, со што сакале да го навредат рускиот претседател Владимир Путин. Но навивачите на Босна и Херцеговина тоа го разбрале на поинаков начин и помислиле дека симпатизерите на Украина го развиориле српско знаме! По ова дошло до вербални напади меѓу двете навивачки групи, а набргу интервенирала и полицијата, која спречила поголем инцидент, пренесе „Спутник“.
Последните неколку години украинските навивачи на секој фудбалски натпревар го вртат руското знаме, како одраз на нарушените руско-украински односи, но навивачите на БиХ не биле запознаени со ова и помислиле дека тоа е провокација со веење на српското знаме!