Досега Грчката црква ја игнорираше МПЦ-ОА, солидаризирајќи се со Српската православна црква, но имаше и ригиден став околу придавката „македонска“ во името на МПЦ. Инаку, ГПЦ и целиот блок грчки цркви во православието се против какво било признавање на МПЦ со терминот „македонска“. Меѓутоа, според ставот на аналитичарите, опцијата што ја најавува вселенскиот патријарх за признавање на МПЦ-ОА под древното име Охридска архиепископија била опција со која се размекнува непопустливиот став на ГПЦ и тоа е можност што би ја прифатиле грчкиот блок цркви
Дали охрабрувачките сигнали од Вселенската патријаршија можат да станат и реалност во поглед на признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија? Оваа е дилемата што почна да лебди во јавноста, особено откако пред неколку дена вселенскиот патријарх Вартоломеј во официјална посета на Грција се сретна со архиепископот Јероним на Грчката православна црква, со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, со грчкиот премиер Алексис Ципрас, каде што било разговарано за црковниот аспект на проблемот меѓу Македонија и Грција.
Интересно за споменување е и тоа што посетата на вселенскиот патријарх во Грција се случува само неколку дена по соопштението од Вселенската патријаршија, според кое, таа презеде одговорност за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА, потенцирајќи дека „Светиот и Свештен синод на Вселенската патријаршија го разгледал прашањето со нерешениот канонски статут на Охридската архиепископија и одлучил да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска патријаршија“.
Патријархот Вартоломеј пред грчките политичари изјавил дека прашањето на црквата во Скопје е во рамките на канонските обврски на Вселенската патријаршија.
– Како Вселенска патријаршија должност ни е да се обидуваме да ги отстрануваме расколите каде што постојат и да работиме на сеправославна обединетост и соработка, како што правиме сите овие години – изјави вселенскиот патријарх.
Досега Грчката црква ја игнорираше МПЦ-ОА, солидаризирајќи се со Српската православна црква, но имаше и ригиден став околу придавката „македонска“ во името на МПЦ. Инаку, ГПЦ и целиот блок грчки цркви во православието се против какво било признавање на МПЦ со терминот „македонска“, затоа, според аналитичарите, опцијата што ја најавува вселенскиот патријарх за признавање на МПЦ-ОА под древното име Охридска архиепископија е можност што би ја прифатиле грчките цркви.
Тоа не значи дека МПЦ-ОА ќе се откаже од името Македонска православна црква, туку напротив, Охридската архиепископија е континуитет на денешната МПЦ, која, како и сите други цркви, ќе продолжи да се дефинира како национална црква со придавката „македонска“.
„Нова Македонија“ уште пред еден месец напиша дека вистинската адреса за решавање на канонскиот статус на МПЦ-ОА е токму Вселенската патријаршија, а како прв македонски дневен весник има одговорност со факти да ја сведочи вистината за реалноста на МПЦ-ОА, како темел на посебниот идентитет и со векови чувар на македонскиот идентитет, јазик и култура. Половина век од историската 1967 година МПЦ-ОА е жива црква со развиено монаштво, просветни институции, вредни фрески и икони, цркви и манастири, какви што немаат голем број православни цркви.
СЕПРАВОСЛАВНО ПОМИРУВАЊЕ
Црковниот историчар Драган Зајковски од Институтот за национална историја вели дека вестите што изминатите денови пристигаат од нашиот јужен сосед се охрабрувачки, особено по средбите на вселенскиот патријарх и државниот врв на Грција.
– И грчките политичари даваат позитивни сигнали во нивните изјави во поглед на решавање на нашето црковно прашање, нешто што досега не се случувало. Прашањето за МПЦ-ОА се држеше некако настрана, се чуваше во фиока, не се разговараше за него или, пак, ако негде проструеше темата, веднаш се игнорираше. Сега дури е зачудувачки фактот што за ова прашање се разговара отворено и се бара решение – објаснува професорот Зајковски.
Според него, во интерес на сеправославното помирување, Вселенската патријаршија има должност да го реши нашето прашање, и тоа пред украинското прашање, кое, како што вели професорот, е неспоредливо во комплексноста на проблемот од добивањето томос за автокефалност на Македонската црква.
Историчарот Зајковски смета и дека непотребно се дигнала прашина околу некаква промена на името на МПЦ-ОА, како евентуален услов за добивање автокефален статус.
– Историски и еклисиолошки е прифатливо МПЦ-ОА да биде впишана во диптихот на православните цркви под името Охридска архиепископија. Охридската архиепископија и како име и како институција нѐ идентификува како народ и како нација. Црковниот живот во Македонија се смета за континуитет на некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА, а и ОА е дел и од името на МПЦ – додава професорот Зајковски.
ГПЦ НЕ СЕ МЕША ВО РАБОТАТА НА ВСЕЛЕНСКИОТ ПАТРИЈАРХ
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во интервју за Грчката државна телевизија дадено неделава дава заклучоци од посетата на патријархот Вартоломеј со грчкиот државен врв и открива дека Вселенската патријаршија веќе подолго време работи на решавање на канонскиот статус и признавањето на автокефалноста на МПЦ, под древното име Охридска архиепископија, посочувајќи дека тоа е нејзино канонски право, а дека Грчката православна црква цело време знаела за дипломатската активност на Вселенската патријаршија и треба да го поздрави овој чин.
– Овие преговори траат една година, беа во развој во јануари и февруари годинава и Грчката црква го знаеше тоа. ГПЦ не ги засега името. Како граѓани ги засега, но како институција тоа не е нивно прашање и ако се мешаат во политиката, нека не се бунат ако политиката некогаш се замеша во црквата, нешто што јас не го посакувам. Исто така, дали ќе се реши автокефалноста на некоја црква е прашање на вселенскиот патријарх, а не на Светиот синод на ГПЦ. А ако прашањето оди кон решение, а оди, добро е грчките владици да не се мешаат и да остават да се реши, а уште подобро би било да го поддржат тоа решение – нагласи Коѕијас.
Според него, архиепископот на Грчката црква има мудрост, кроткост и смиреност да се справи со ова прашање и има дојдено до заклучок дека е добро тоа што го прави Вселенската патријаршија во поглед на прашањето на црквата во Скопје.
– Што прави Вселенската патријаршија? Разговара за признавање на црквата во Скопје со име Охридска архиепископија. Таа црква со векови се викала Охридска архиепископија. Патријархот Вартоломеј треба да биде поздравен и поддржан што придонесува за решавање на еден црковен проблем – додаде шефот на грчката дипломатија.
И српски монах ги освестуваше грчките владици за македонскиот народ
Јеромонахот Петар Драгојловиќ, игумен на манастирот Пиносава во шумадиската епархија на Српската православна црква, на неговиот фејсбук-профил пред неколку месеци ги критикуваше грчките владици за нивниот национализам искажан кон нашата држава за време на тогашните протести на плоштадот во Атина, каде што главните пароли беа испишани под мотото „Македонија е грчка“. Со своето размислување и критика кон грчките политичари привлече внимание во македонската јавност, што многумина познавачи на црковните состојби го протолкуваа како почеток на нови сили на размислување во Српската црква, кои полека но сигурно го менуваат тврдокорниот став на српските архијереи кон македонската држава и црква.
– Македонија не е само грчка, а македонското име не е исклучива сопственост на Грците. Никој нема право да му ги одзема името и јазикот на еден народ и на една држава. Денес во Република Македонија 75 отсто од населението се Македонци и мнозинството од нив не се ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби. Во неа живее мнозинство на македонски народ – напиша тогаш јеромонахот Драгојевиќ.
Во поглед на посебноста на македонската нација, јеромонахот Петар нема предрасуди и не го негира постоењето на македонската држава, нација, јазик и правото државата да се идентификува како Македонија, а народот како македонски.