Од неодамна стивнаа жестоките дебати за Законот за употреба на јазиците во врска со двојазичноста и воведувањето на албанскиот јазик како службен на целата територија во Република Македонија, но на плоштадот „Магнолија“ во Битола продолжија секоја недела напладне, веќе неколку седмици, група граѓани да протестираат против споменатиот закон што го изгласаа пратениците. Битолчани во шега велат дека со Законот за употреба на јазиците, иако го форсира албанскиот јазик на сметка на македонскиот, де факто широко се отворија вратите грчкиот јазик во Битола полека „да прави простор за да биде (не)официјален“.
Обичните граѓани со една суптилна смисла за хумор со политичка порака, без да го чекаат исходот од преговорите меѓу министрите за надворешни работи Коѕијас и Димитров, околу пакетот мерки за надминување на спорот со Грција, во истиот тој контекст и како реакција на Законот за употреба на јазиците, односно на форсирањето на употребата на албанскиот јазик на сметка на македонскиот, почнаа со еден многу специфичен феномен на отпор или инает, со чија порака сакаат да предупредат на апсурдноста на Законот за употреба на јазиците и за тенденциите полека но сигурно истиснување на македонскиот јазик. Така, тие не само што во комуникацијата со Грците, кои сѐ помасовно во последно време ја посетуваат Битола се обидуваат да зборуваат на грчки јазик, туку своите фирми, покрај на македонски, ги пишуваат и на грчки јазик.
„Двојазичноста“ во Битола најдобро може да се забележи од самиот граничен премин кај Меџитлија, особено во приградската населба Кравари, каде што буквално сите фирми на угостителските објекти, мијачници за автомобили, амбуланти за заби, маркети, бензински пумпи…, покрај на македонски, се испишани и на грчки јазик. Во настојувањето што повеќе да обрнат внимание на апсурдноста на асимилацијата на македонскиот јазик и тенденциите за изедначување на албанскиот со државниот македонски, граѓаните во пораката до политичарите практикуваат сѐ пофреквентна употреба на друг немакедонски јазик. Па, така, има натписи, фирми, напишани на македонски и на грчки јазик, кои дури можат да се забележат и во самиот центар на градот под Пелистер. Тоа што е уште позначајно, додека Димитров и Коѕијас преговорите и разговорите ги водат со преведувачи, на битолчани и на големиот број грчки туристи што ја посетуваат Битола не им требаат никакви преведувачи и тие комуницираат меѓу себе на грчки или на македонски јазик.
Додека во блиското минато Грците беа тие што буквално го кршеа јазикот да се објаснат на македонски јазик, сега и битолчани се обидуваат туристите или своите муштерии да ги привлечат со тоа што им се обраќаат на грчки јазик, а во угостителските објекти речиси најголемиот број келнери добро го имаат „испечено“ грчкиот јазик. Деновиве, кога ја правевме репортажата за „воведувањето“ на грчкиот јазик како „службен“ во Битола, во разговорот со нашите соговорници, кои не сакаа со име и презиме да говорат за ваквата појава, дојдовме до заклучок дека тие се водат од две причини: прво, да пратат порака дека македонскиот е примарен јазик на територијата на Македонија, а преостанатите на малцинствата отсекогаш се употребувале без никаков проблем како втори или трети јазици, а не некој јазик на малцинство (албанскиот) да се изедначува со македонскиот или да го истиснува. И втората причина, како што истакнуваат, е многу попрагматична, а тоа е дека во моментот правилото „колку повеќе го знаеш грчкиот јазик толку профитот во фирмата ќе ти биде поголем“.
– Не знам зошто се чудите што фирмата на мојата забна амбуланта е напишана, покрај на македонски, и на грчки јазик. Секако, прво е македонскиот. Но откако ја отворив забната амбуланта, најголемиот број мои клиенти се Грци, а многу мал број битолчани. Едноставно, на Грците многу повеќе им се исплатува тука да ги поправаат забите, бидејќи е многу поевтино и затоа доаѓаат тука – ни вели сопственик на забна амбуланта, кој притоа не криеше дека токму благодарение на грчките клиенти тој може да ја одржува амбулантата, која доколку не беа тие, одамна ќе мораше да ја затвори. И кога станува збор за забните амбуланти, најголемиот број од нив опстојуваат благодарение на тоа што голем број Грци ги поправаат забите во Битола.
За жителите на Битола, освен политичката порака кон властите за употребата на македонскиот јазик, се разбира дека е значаен и другиот аспект од употребата на втор јазик, кој дополнително помага за развој и прогрес на бизнисите и трговијата. Во последно време сѐ поголем број битолчани го изучуваат грчкиот јазик. Тие не кријат дека тоа го прават за да го подобрат својот бизнис и затоа што во Битола странскиот јазик веќе стана потреба. Со оглед на тоа што економијата си го прави своето и што поради економската криза куповната моќ на битолчани стана многу помала, битолските трговци сега главно се свртеа кон Грците.
Како што во шеесеттите или седумдесеттите години од минатиот век битолчани изигруваа „Американци“ и буквално ги празнеа грчките дуќани во Лерин, сега поради релативно ниските цени за нив, гостите од онаа страна на границата едноставно купуваат сѐ и сешто во Битола и се најпосакувани муштерии. А кога е во прашање продавањето или купувањето разни стоки и предмети, трговците најдобро го разбираат законот на парите. На крајот од оваа репортажа, сам по себе, се наметнува заклучокот дека кога се во прашање јазикот, идентитетот и чувството на патриотизам не треба да се прават компромиси. Битолчани многу добро го знаат тоа и реагираат на многу специфичен креативен начин. Но, исто така, во една таква рамка треба да се вметнат и интересите на граѓаните, кои имаат за цел да го подигнат социјално-економскиот статус за нив самите. Тоа е многу легитимно. Но, секако, тоа не треба да оди на штета на највисоките интереси, кои се суштина на постоењето на еден народ со свое име, јазик и посебност.