Во валандовското село Чалакли викендов беше отворен 27-от меѓународен фестивал „Пролетни веселби во чест на празникот Х’дерлез“. Во декември 2017 година овој настан УНЕСКО го запиша во Репрезентативната листа за нематеријално културно наследство, по заедничката апликација на Република Македонија и на Република Турција.
На отворањето на фестивалот премиерот Зоран Заев рече дека тој спој на различности, обичаи, старини, традиции, бои, вкусови во Македонија е Европа во мало и тоа, непроценливо културно-историско богатство, Република Македонија е подготвена да го сподели со Европската Унија, кон каде што се стремиме како граѓани и како држава. Тој изрази благодарност до УНЕСКО што организацијата го препозна значењето на „Хид Бах Шен-фест“, како што е називот на настанот и ја прифати мултинационалната апликација.
Првпат, оваа 2018 година, Х’дерлез во Чалакли, Република Македонија се организира под покровителство и на УНЕСКО.
На пролетните веселби во Чалакли што традиционално ја слават пролетта, а жителите си посакуваат богат род и благосостојба во семејствата, се обрати и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Тој рече дека културата е поле преку кое најдобро се изразуваат верувањата, светогледите, потребите во општествениот живот, а културата на помалобројните заедници е големо богатство на Македонија и заслужува почит.